Управата за јавни приходи ја информира јавноста дека интензивно работи на реализација на проектот „е Фактура“ и во моментов во тек е тестирањето на системот за електронско фактурирање, односно на сервисите за директна интеграција (API) со системот за е-Фактура.
„Ги повикуваме сите компании кои досега не се вклучиле, а кои развиваат и одржуваат системи за фактурирање, како и компаниите кои користат системи за фактурирање кои можат да ги надградуваат, веднаш да се вклучат во тестирањето. Вклучувањето во оваа фаза е од особено значење за навремена адаптација пред задолжителната имплементација на системот.
Во овој период на тестирање на системот до УЈП пристигнуваат информации дека одредени субјекти нудат обуки и консултантски услуги поврзани со проектот „е Фактура“.
Укажуваме дека исклучиво УЈП дава официјални информации, насоки, известувања и организира обуки поврзани со проектот „е-Фактура“ и нагласуваме дека тие субјекти не се дел од проектот. УЈП не презема одговорност за информациите и толкувањата изнесени од истите.
Сите информации поврзани со проектот „е-Фактура“ се објавуваат на официјална веб-страница на УЈП http://www.ujp.gov.mk/, на специјализираната веб-страница на проектот https://efakturawiki.ujp.gov.mk/mk-mk/home и на страниците на УЈП на социјалните мрежи.
Дополнително, заради поддршка на компаниите во процесот на имплементацијата на системот „е-Фактура“, назначени се и даночни агенти вработени во Управата. Тие веќе контактираат со компаниите и даваат поддршка и совети за вклучување и понатамошно користење на системот „е-Фактура“.
Апелираме сите заинтересирани страни за системот „е-Фактура“ своите прашања и сугестии да ги упатуваат кон [email protected].
Најавуваме дека набрзо ќе биде овозможено тестирање и на рачниот внес на фактури преку веб и клиентска апликација, кои се очекува да ги користат трговците кои издаваат и/или примаат мал број на фактури, кои не користат системи за фактурирање или кои користат системи но немаат можност за надградба“, информираат од УЈП. објави Скопје1.мк