Комисијата за образование, наука и спорт денес ја одржа 16-та седница, на која беше поддржан Предлог-законот за иновациска дејност, научно-технолошки развој и претприемништво, по скратена постапка, и истиот е проследен на понатамошна процедура во Собранието.
Со Предлог-законот за иновациска дејност, научно-технолошки развој и претприемништво се уредува иновациската активност, начелата, целите и структурата на употребата на резултатите од иновациската дејност и од научно-истражувачката дејност, техничките и технолошките сознанија, откритијата и иновациите, процесите за доделување на државна помош и мерките и активностите за унапредување на иновациската дејност, научно-технолошкиот прогрес и претприемништвото и конкурентноста на микро, малите и средни претпријатија во државава, основањето, статусот, организирањето и работењето на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, како и други прашања поврзани со иновациската дејност, технолошкиот прогрес и претприемништвото.
Истовремено, новата законска регулатива ја проширува активноста со регулирање на научно-технолошкиот развој и претприемништвото.
Новиот закон предвидува укинување на Агенцијата за поддршка на претприемништво (АППРМ) и на Фондот за иновации и технолошки развој и формирање на нова институција – Агенција за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво. Формирањето на нова институција е поради недоволниот капацитет на постоечките две институции за поддршка на иновации и претприемништво: АППРМ и Фондот за иновации и технолошки развој.
Формирањето на нова институција која ќе биде зајакната со нов кадар и со финансиски средства ќе овозможи зголемена поддршка на иновациите и научно-технолошкиот развој во државата.