Британската влада планира да инвестира милијарда фунти во компјутерска инфраструктура за да го поттикне развојот на вештачката интелигенција (ВИ) и да ги зголеми државните компјутерски капацитети за 20 пати до крајот на деценијата.

Премиерот Кир Стармер го најави финансискиот пакет на Лондонската недела на технологијата минатиот месец, заедно со извршниот директор на Нвидиа, Џенсен Хуанг.

Шефот на американскиот производител на чипови тогаш изјави дека Велика Британија мора да ја прошири компјутерската инфраструктура за целосно да го реализира потенцијалот на својата водечка истражувачка база за вештачка интелигенција.

Владата во Лондон вчера соопшти дека ќе ги спои најмоќните суперкомпјутери во земјата, Isambard-AI во Бристол и Dawn во Кембриџ, во системот AI Research Resource (AIRR), во соработка со партнери, вклучувајќи ги Nvidia, HPE, Dell Technologies и Intel.

Тие, исто така, најавија воспоставување мрежа на национални суперкомпјутерски центри, а првото седиште треба да биде во Единбург.

– Велика Британија има врвни експерти на полето на вештачката интелигенција и планот е да им ги обезбедиме на нашите брилијантни истражувачи, научници и инженери потребните алатки, рече министерот за наука и технологија Питер Кајл.

Истражувачите на лондонскиот универзитет веќе користат суперкомпјутер за развој на алатки за вештачка интелигенција кои би можеле да донесат револуција во раното откривање на ракот во здравствениот систем, соопшти владата.

Моментално развиваат скалабилен ВИ модел за изработка на слики во медицинската дијагностика, користејќи го ракот на простата како прв предмет на проучување. Со помош на вештачка интелигенција ги анализираат МРИ снимките и се обидуваат да идентификуваат пациенти на кои им е потребен третман во краток рок, се наведува во владиниот извештај.

САД, Кина и Индија моментално се лидери во примената на вештачката интелигенција.