„Според извештаите на меѓународната институција ОЕЦД, нашата земја бележи најголем прогрес во делот на услугите за поддршка на малите и средни претпријатија. Нашите оцени се над просекот на земјите од Западен Балкан во делот на финансии, иновациска политика и интернационализација, но се уште постои простор за поголем развој на претприемничкото учење и женското претприемништво како и деловните вештини.“ Ова го посочи вицегувернерката Ана Митреска во своето обраќање на четвртиот регионален „Марили Бизнис Форум“.

„И покрај големата улога на малите и средни претпријатија во создавањето на додадената вредност и вработеноста, нивната продуктивност на трудот кај нас е за 3,5 пати пониска во споредба со просекот во Европската Унија. Сепак се забележува одредена конвергенција, со оглeд на тоа што растот кај нас е 20%, наспроти 2% во ЕУ. Дигиталната трансформација и иновациите се можност за поголем раст на продуктивноста“, истакна вицегувернерката Митреска, посочувајќи на податоци коишто покажуваат дека дури 60% од компаниите кај нас на овој пазарен сегмент имаат многу низок индекс на дигитална интензивност, наспроти само 30% во ЕУ. Таа се осврна и на главните проблеми со кои се соочуваат малите и средни компании, при што укажа на тоа дека одредени анкетни истражувања и за нас и за ЕУ покажуваат дека клучни ограничувачки фактори за поголем раст се достапноста на квалификувана работна сила, пронаоѓањето клиенти и трошоците за производство. Пристапот до финансии како предизвик е посочен само од мал дел, односно од 8% од малите и средни претпријатија.

Во своето обраќање, вицегувернерката ги претстави и активностите на Народната банка, преку коишто индиректно се овозможува поголема поддршка на овој корпоративен сегмент, како што се Стратегијата за финансиска едукација и инклузија, проектот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во земјава, кој е насочен кон поддршка на женското претприемаштво и финансиската вклученост на жените претприемачи, поддршката на зеленото кредитирање, како и членството во СЕПА кое ќе донесе побрзи и поефикасни платежни услуги, намалени трошоци за прекугранични плаќања и полесно вклучување во прекугранична трговија.