Виетнам доживува силен економски раст и се повеќе се позиционира како атрактивна дестинација за странски инвеститори, професионалци и поединци со висока нето вредност. Како одговор на овој тренд, властите во земјата најавија нова златна визна програма, чија цел е да привлече долгорочни жители и да го поттикне туризмот и економскиот развој.
Според достапните информации, златната виза доаѓа во три форми:
- Виза за инвеститор – трае 10 години, со можност за постојан престој по 5 години.
- Виза „Талент“ – наменета за висококвалификувани професионалци од сектори кои брзо се развиваат, со времетраење од 5 години и едноставна процедура за обновување.
- Општа златна виза – со рок од 5 до 10 години и можност за продолжување.
Процесот на аплицирање ќе биде целосно дигитализиран, без потреба да се оди во амбасада.
Покрај деловните можности, Виетнам нуди достапен и квалитетен живот. Градовите како Хо Ши Мин, Ханој и Да Нанг имаат богата култура, меѓународни училишта и развиена инфраструктура – што ги прави погодни за странски жители. Виетнам, исто така, нуди ниски трошоци за живот, стабилен раст и сè подигитална администрација, што дополнително ги поттикнува странските инвестиции и преместувањето.
Златната виза е дел од пошироката стратегија за развој на туризмот. Во првиот квартал од 2025 година Виетнам го посетиле над 7,67 милиони странски туристи, што е раст од 23,8% во споредба со претходната година. Најголем број туристи доаѓаат од Кина и од Јужна Кореја, но и од пазари како Тајван, САД, Јапонија, како и од се поголем број европски земји. Бројот на туристи од Франција е зголемен за 24,7%, од Велика Британија за 20,7%, а од Германија за 18,8%.
Целта на владата е да постигне меѓу 22 и 23 милиони меѓународни пристигнувања до крајот на годината.