Молк од Министерството за финансии за вчерашниот извештај на Европската комисија, во кој остро се критикуваат економските политики и резултати на Владата. Нема одговор на нашето прашање испратено до финансии за тоа како го коментираат делот од извештајот во кој се вели дека Владата не постигна напредок во клучните економски реформи. И додека од Брисел доаѓа критика, од истото место доаѓа и друга порака, од премиерот Мицкоски, кој со спротивна реторика тврди дека „економијата расте“, а земјата се движи во правилна насока.

Паралелно со острите оценки од Европската комисија, свои забелешки има и „Фајнанс тинк“. Оттаму велат дека извештајот е еден од најлошите во последната деценија и дека фискалната консолидација е сериозно нарушена со растот на тековните трошоци, платите и пензиите.

„Извештајот го продолжува нагласениот критички тон за однесувањето на фискалната политика и јавните финансии во претходната година (септември 2024 – септември 2025), и тоа на неколку пункта. Фискалната консолидација е бавна, особено во контекст на преземените обврски за големи гаранции за кредитите од комерцијалните банки и засиленото трошење по Ребалансот на Буџетот од 2024 година, рефлектирано во платите на јавниот сектор и пензиите.“

И додека Брисел бара стегање на јавните финансии и фискална консолидација преку намалување на буџетскиот дефицит со штедење, критикувајќи го неоснованото зголемување на плати и пензии, во новиот буџет за 2026 година Владата повторно ги зголемува овие ставки: 10% плус за пензии и 7% за плати. Од друга страна, минусот и следната година ќе го покрива со ново задолжување од преку 1 милијарда евра. Но за  министерката за финансии со новиот буџет ќе се продолжи постепената фискална консолидација и дисциплинираното управување со јавните финансии. И опозицискиоит СДСМ денеска со серија критики кон власта.

Според Брисел, Македонија се движи во погрешна насока. Фискалната рамка останува слаба, капиталните инвестиции се намалуваат, а државата троши сè повеќе за тековни расходи наместо за развој. Европската комисија го нотира и загрижувачкиот раст на јавниот долг, кој надминува 62 проценти од БДП, додека продуктивноста стагнира, а инфлаторните ризици остануваат високи.. Но, извештајот останува најстрогиот во последните десет години и прашањето што стои отворено е: кому ќе му верува јавноста, на Брисел или на Владата?