Иако трошоците за живот во август годинава скокнале за 4,4 отсто споредено со истиот период лани, премиерот Христијан Мицкоски вели дека и понатаму Владата ќе продолжела со благи мерки и без да интервенира. За Премиерот благо намалената месечна стапка на инфлација од 0,2% е знак дека треба да очекуваме инфлацијата да се намали под 3% до крајот на годинава.

Според податоците на статистичарите, цените на храната, пијалоците и дел од услугите, остануваат главни фактори за континуираната инфлација. За една година, прехранбените производи поскапеле за 6%, а најмногу скокнале цените на овошјето за дури 25%. Мицкоски им порача на граѓаните да се посветеле на се она што е македонско, вклучително и прехранбени производи, бидејќи само така би можеле да очекуваме намалување на цените.

Државен завод за статистика Раст на индексите на трошоците на живот Август 2024 – Август 2025

Храна и безалкохолни пијалоци

6,2

Облека и обувки

3,3

Мебел, покуќнина и редовно одржување
во домаќинствата

5,3

Рекреација и култура

5,8

Ресторани и хотели

4,4

Синдикалците продолжуваат да бараат зголемување на минималецот и платите како спас од скапотијата, сепак, премиерот денеска повторно подвлече дека бил потребен двојно поголем раст на платите од растот на инфлацијата, откако веќе неколкупати од Владата посочија дека растот на платите бил еден од причинителите за скок на инфлацијата.