Вистинските мерки и проекти резултираат со трајни придобивки за подобар и поквалитетен живот на сите жители.
Владата, преку Оперативниот план за вработување за 2025 година, обезбедува можност за стекнување практични вештини за 1,352 млади луѓе до 29 години, со предуслов да имаат завршено најмалку средно образование, информираат од Владата.
Тие додаваат дека ова е исклучителна прилика за младите до 29 години да се здобијат со практично искуство, со што, како што потенцираат, ќе бидат покомпетитивни на пазарот на труд и ќе имаат поголеми шанси за работа. Стопанството, исто така, ќе добие соодветен кадар.
Од Владата потсетуваат дека Оперативниот план предвидува и младински додаток за 3,500 млади лица до 23 години во висина од 3,000 денари месечно по вработено лице кое ќе заснова работен однос или е веќе вработено во дејностите од областа на производството. Целта на оваа мерка е да се зајакнат капацитетите на стопанството и да се поттикне ангажирањето на млади до 23 години во производствените дејности.
“Граѓаните го добија историски најдобриот оперативен план за вработување за 2025 година вреден 40 милиони евра кој опфаќа над 16,000 граѓани во кој се вклучени млади, невработени лица и лица од социјално ранливите категории.”
“За раст, развој и економски просперитет потребни се добро креирани и платени работни места кои ќе значат подобар животен стандард за сите граѓани подеднакво,” се вели во соопштението од Владата.
Со ова, нагласуваат оттаму, покажуваат дека Македонија може и мора да се менува на подобро, а оти Владата продолжува да го исполнува она што го ветила и се обврзала.