На владина седница, донесена е одлука за откуп на пченица за стоковните резерви и прв пат за откуп на оризова арпа, со што ќе им се помогне на земјоделците што ги произведуваат овие житни култури. Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е донесена одлука да бидат откупени околу 9.000 тони пченица и околу 2.400 тони ориз и оризова арпа од реколтата 2024.

– Во првиот случај, кај пченицата, можеби ќе згрешам со бројките, но секој индивидуален производител има право да конкурира со количина од 5 до 30 тона, а кај оризот и оризовата арпа од 3 до 20-30 тона. Првпат се прави ова, особено за оризот и мислам дека во многу нешта ќе им ги олесни предизвиците на оризопроизводителите, но и оние што одгледуваат пченица. Така што, како Влада, првпат го направивме ова со измени во законот, оризот стана стратешка култура и на тој начин сега и стоковните резерви ќе имаат ориз – рече Мицкоски.