Владата ќе спроведе детална анализа на базичната инфлација, по што ќе бидат објавени нови мерки за заштита на граѓаните од растечките цени на производите. Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека мерките ќе бидат прецизни, таргетирани и ќе се објават многу скоро.

– Не сме задоволни од ваквата состојба, но неопходна е сериозна анализа, особено во делот на базичната инфлација. Според разговорите со неколку економски професори, заклучокот е дека причините за инфлаторниот притисок не се толку во односот добавувач-маркет, туку најмногу во базичната инфлација и во растот на цените на услугите – рече Мицкоски на прес-конференција во Владата.

Тој посочи дека првичните податоци укажуваат на значителен скок кај инфлацијата во услужниот сектор, со двоцифрени стапки на пораст.

– Мора да утврдиме колкав е реалниот удел на услугите во формирањето на базичната инфлација. Таму веќе гледаме сериозно отстапување – додаде премиерот.

Како илустрација, Мицкоски посочи пример од земјоделскиот сектор, каде што, според него, импутните цени се зголемиле за 2 проценти, додека продажната цена (аутпутот) скокнала за дури 11 проценти.

– Земјоделецот го продава производот на откупувач, кој потоа го носи во маркет. Ако на крајот цената за потрошувачот е повисока за 11 проценти, а првичното зголемување било само 2 процента, тогаш е јасно каде е проблемот – рече Мицкоски.

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, трошоците на живот во јуни се зголемени за 4,5 проценти, додека цените на мало пораснале за 3,7 проценти во однос на истиот период минатата година.