Владата одлучи целосно да го ослободи увозот на 67 стоки од САД, а од 1 јули годинава стапуваат на сила нови пониски царински стапки за увозни производи за автомобилската, металопреработувачката и енергетиката индустрија, усогласени со царините на Европската унија. Законот е испратен во Собрание и се очекува час поскоро да биде донесен.

Прашана за тоа дали ќе има намалување на царините на прехранбените производи, за да имаме пониски цени низ супер маркетите, министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека во моментов во над 60-те тарифни ознаки не се опфатени овие производи, но во делот што значи нула проценти царинска тарифа за САД се вклучени, иако увозот со САД на замрзнато месо не е голем.

-Таму имаме увоз пред се на замрзнато месо, иако се многу мали количините. Но, имаме увоз и доколку имаме поголем интерес, да кажеме има конкуретна способност која било од компаниите да увезува тоа и да продава по цени исти или пониски од оние што ги имаме на пазарот, тоа за нас е позитивно. Затоа што ние пред се како граѓани ќе добиеме пониски цени на прехранбените производи и да тоа секако е една од целите коишто сакаме да ги постигнеме, изјави Димитриеска Кочоска.

Од 1 јули, како што појасни, со измените се врши намалување на царинските стапки за 50 отсто на разликата помеѓу нашите постојни царински стапки и царинските стапки за тие стоки во ЕУ.  Како пример, таа наведе дека ако царинската стапка на одредена стока кај нас изнесува 20 отсто, а во ЕУ изнесува 10 отсто, со тековните измени стапката се намалува на 15 отсто, со тенденција за идно понатамошно доусогласување.

– САД се стратешки партнери на нашата земја и соработката со нив е значајна од секој аспект поради што Владата e пoдготвена да го прошири и продлабочи блиското партнерство помеѓу двете земји што се заснова на заеднички цели, интереси и вредности и да воспостави трајна соработка врз основа на заемен интерес. Приоритет на оваа Влада е да креираме политики со кои ќе  создадеме поволно и предвидливо бизнис окружување за сите компании, вклучително и за домашните и странските компании и на таков начин да изградиме силна економија, нагласи министерката.