Ем ја гонат за криминал, ем ѝ даваат државно земјиште на користење. Владата реши на неготонската фирма „Хем-Алијанс“ да ѝ додели огромна површина земјоделско земјиште под закуп, иако таа е дел од голем скандал за милионски злоупотреби.

Фирмата, обвинета во случајот „Адитив“, се товари за сомнителни тендери поврзани со набавка на хемиски средства за РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, со штета што надминува пет милиони евра. Според официјалните информации, „Хем-Алијанс“ неодамна доби согласност за закуп на повеќе од шест хектари земјоделско земјиште во Неготинско Пепелиште, веднаш покрај термоцентралата, каде што компанијата е регистрирана.

„Со оваа одлука се дава согласност за склучување на Договор за закуп на земјоделско земјиште со непосредна спогодба со Друштвото за производство, трговија и услуги ХЕМ-АЛИЈАНС ДООЕЛ Неготино, со седиште во Населено место без уличен систем Пепелиште, Неготино, за земјоделско земјиште под долгогодишен насад кое се наоѓа на КП бр.1601/26, место викано “Бела Земја”, катастарска култура нива, катастарска класа 4, со површина 6ха 64ари 23м2, запишано во Имотен лист бр.1086 за КО Пепелиште, во сопственост на Република Северна Македонија“.

Точно пред две недели започна судскиот процес за „Адитив“, каде што обвинети се 31 лице и пет фирми, вклучувајќи ги и поранешните директори на ЕСМ, како и поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ, кој беше поврзан со „Хем-Алијанс“. Од Владата велат дека кога оваа фирма аплицирала за земјиштето, Стојановиќ го немало во нејзините структури.

„Од 05.02.2025 година, кога е започната постапката за овој предмет, лицето кое го спомнувате не фигуриpa како сопственик, ниту управител согласно тековната состојба од Централниот регистар. Согласно процедурата, на владина седница е разгледана поднесената информација со целокупната потребна документација и врз основа на приложеното е донесена одлука за закуп на државно земјоделско земјиште и се склучени договори со лицата кои имаат долгогодишни насади со сопственост на истите.“

Сопругата на Стојановиќ во декември лани ја напушти директорската позиција во фирмата, а нов раководител на „Хем-Алијанс“ е Стефка Стојанов. Покрај хемиски препарати, оваа фирма се занимава и со производство на мебел и советодавни услуги, а иако приходите во последните години опаѓаат, фирмата сè уште има милионски промет. Во февруари, компанијата веќе доби закуп за над седум хектари државно земјиште во истиот регион, со цел да ги прошири своите активности.