Младите до 29 години во државава кои ќе сакаат да се самовработат преку формирање на свој бизнис или здружување во друштво со ограничена одговорност, ќе можат да аплицираат за неповратен државен грант, најавија од Владата. За свој старт ап бизнис, младите претприемачи ќе можат да добијат 10 000 евра, а за здружување во ДООЕЛ од 13 000 до 20 000 евра во зависност од бројот на содружници, стои во новиот Оперативен план за вработување.

Ставајќи ги младите до 29 години во фокусот на новиот Оперативен план за вработување, вреден 40 милиони евра, од Владата се надеваат дека ќе го спречат одливот на мозоци и работна сила од државата.

Освен за младинско самовработување, во овој нов план има мерки и за вработување на 400 нови пожарникари, 600 невработени лица кои ќе бидат ангажирани за општински проекти од инфраструктурата и заштитата на животната средина, мерки за лица со атипичен развој а исто така и други категории на мерки како обуки и младински додаток. Од Владата ги повикаа  заинтересираните лица да се запознаат со сите можности на овој нов Оперативен план за вработување.