Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека ребалансот на Буџетот ќе биде разгледан на седница на Владата. Тој одговараше на прашање за тоа каде ќе има намалувања и каде ќе бидат насочени повеќе средства со новиот ребаланс.

Мицкоски потенцираше дека со новиот ребаланс на буџетот ќе се обезбедат повеќе средства за општините, повисоки плати, пензии, како и за здравствениот сектор. „Таму се средствата за оние проекти, коишто се во рамки на единиците на локална самоуправа, средства за повеќе субвенции, повисоки плати, пензии итн. итн. и здравство,“ изјави тој.

Премиерот додаде дека повеќе информации ќе бидат достапни по усвојувањето на Предлог-буџетот во прво читање. „Но, после да речеме по усвојување на Предлог буџетот во прво читање во рамките на владината седница ќе биде тоа претпоставувам објаснето пред медиумите,“ објасни Мицкоски.

Во врска со извештајот на Државниот завод за статистика кој укажува на позитивни трендови во земјоделството, со зголемени инпути и аутпути, Мицкоски рече дека земјоделците можат да очекуваат повеќе пари за нови инвестиции од ребалансот на буџетот. „Апсолутно е тоа точно и тоа го покажува новиот Извештај на Државниот завод за статистика и имаме двоцифрен раст на аутпутот, односно зголемување на цените кон откупувачите, коишто генерално оди за извоз и би рекол незначителен од 1,2 проценти зголемен инпут, тоа во трошоците, во расходната страна на земјоделците и тоа е веќе неколку месеци и тоа е одлично, одличен параметар,“ истакна Мицкоски.

„Тоа значи повеќе пари за инвестиции, повеќе пари за земјоделците,“ заклучи тој.

Во однос на поддршката за земјоделците, премиерот напомена дека минатата година Владата обезбедила над 8,6 милијарди денари. „Пари дадени на земјоделците за исплата на заостанати субвенции од 2021 плаќавме, од 2021, 2022, 2023, 2024, мислам дека е заокружена и сега треба да се размислува за тековната година. Така што од 2021 година се плаќаа заостанати субвенции од 8,6 милјарди денари,“ изјави Мицкоски на настан по повод отворање на Македонско село во Скопје.