Владината просечна потрошувачка кошничка е за 160 евра пониска од синдикалната минимална. Владата пресметала дека на едно четиричлено домаќинство во јануари му биле потребни 56.000 денари, откри за ТВ 21 министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Според него, владината просечна била поевтина од синдикалната минимална, бидејќи синдикатот имал нереално повисоки пресметки.
„Во јануари 2026 година просечната потрошувачка кошничка, според наша пресметка, е околу 56.000 денари. Ако ја разгледаме структурата на 2025 година ќе видиме значајни разлики по категории. Како на пример, кај облека и обувки разликата изнесува за три илјади и нешто денари, околу 50 проценти е поевтина. Кај домување, вода, електрика, горива разликата е исто околу 3.000“, вели Дурмиши.
Тој вели дека сериозното отстапување меѓу овие две кошнички е што, според него, во синдикалната кошничка биле ставени многу работи кои што не ги употребува едно семејство.
Дурмиши кажа дека во владината кошничка има над 100 основни прехранбени производи, а на списокот има и нескафе, кое за премиерот беше луксуз.
Инаку, синдикалната кошничка за јануари е 66.400 денари, а февруарската стигна до 67.400 денари.