Македонија со 8,8 отсто учество на земјоделството во вкупниот бруто-домашен производ на државата е на трето место во регионот. На прво место е Албанија со 17,9 отсто, на второ Косово, а потоа следуваат Црна Гора со 6,5 отсто, Турција со 6,3 отсто и Босна и Херцеговина со 5 отсто. Меѓутоа Албанија се соочува со парадокс, бидејќи цените на храната по првпат во историјата го надминаа просекот на ЕУ – 1,7 отсто, иако земјата има најголем удел на земјоделството во цела Европа.

Во регионот, Србија има најнизок удел на земјоделството, со 3,7 отсто, што е пониско дури и од Грција 3,8 отсто и Хрватска 4,1 отсто.

Во Албанија, придонесот на земјоделството во економијата се намалува со текот на годините, при што во 2019 година овој показател изнесувал 21 отсто, но земјата сè уште останува најземјоделска во Европа.

Фактот дека е најземјоделска земја во Европа воопшто не помогна граѓаните да имаат поевтини прехранбени производи. Напротив, други податоци од Евростат покажаа дека по првпат од 2005 година, индексот на цени на храна и безалкохолни пијалаци за Албанија благо го надмина нивото од 100 отсто и изнесува 101 отсто. Ова значи дека цените на храната во Албанија се за 1 отсто поскапи од просекот на ЕУ.

Најскапите прехранбени производи за албанските домаќинства во споредба со ЕУ се јајцата, сирењето и млекото, кои скокнаа на 131 отсто од просекот на ЕУ, од 119,5 отсто претходната година. Албанија има најскапи цени во споредба со земјите во регионот.

Србите купуваат храна по цени што се 96,4 отсто од просекот на ЕУ. Во Црна Гора, храната чини 84,4 отсто од просекот на ЕУ, во Босна 83,2 отсто, а најевтино, не само во Европа туку и во регионот, е во Македонија, со 73,4 отсто од просекот на ЕУ.

Албанското земјоделство страда од длабоко вкоренети проблеми кои започнуваат од фрагментацијата на земјиштето, што не овозможува економии на обем, пониски субвенции од земјите во регионот, ниска конкурентност, нарушување на синџирот на вредности и емиграција што ја намали достапноста на работна сила.

Најновите податоци од ИНСТАТ покажуваат дека сточарскиот сектор е во слободен пад, како во однос на бројот на добиток, така и во однос на количината на производство.

Според ИНСТАТ, во 2024 година во споредба со 2023 година е забележано намалување на бројот на добиток во сите видови животни за месо и млеко, вклучително и кокошките. Намалувањето на бројот на добиток се одрази и на производството на месо и млечни производи.