Во октомври, бројот на работници во индустријата бил намален за 2,8 отсто во однос на тој месец лани, додека кумулативно за периодот  јануари – октомври годинава во однос на тој лански период бројот на работници се намалил за 3,6 отсто. Од друга страна, пак, Статистика регистрирала над 10 илјади слободни работни места, најмногу во преработувачката индустрија и во трговијата.

За една година, октомври 2025 – октомври 2024 година, бројот на работници во секторот рударство се намалил за 2,8 отсто, во  преработувачката индустрија за 2,9 отсто, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 1 отсто. Во преработувачката индустрија, најголем пад има во кожарската и во текстилната индустрија, како и во автомобилската индустрија.

Зголемување на бројот на работници има само во неколку сектори. И тука највисок раст на бројот на вработувања има во тутунската индустријата, од 21,9 отсто. Следуваат индустриите за производство на машини и уреди, неспомeнати на друго место, со зголемување од 4,1 отсто, потоа производството на пијалаци од 4 отсто и индустријата за производство на производи од гума и производи од пластични маси  од 3 отсто.

Под 3 отсто раст на бројот на вработени има во секторот производство на компјутерски, електронски и оптички производи, од 2,7 отсто, производство на метали од 2,3 отсто, а под 2 отсто раст на бројот на вработени има во секторите производство на електрична опрема – 1,2 отсто и производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, 0,1 отсто.

Што се однесува до стапката на слободни работни места во третото тримесечје од 2025 година, таа изнесувала 2,02 отсто или 10.033 работни места, а најголем број слободни работни места, 2.052, имало во групата елементарни занимања, објави Државниот завод за статистика.

Вардарскиот Регион има највисока стапка на слободни работни места, од 2,53 отсто.

Највисока стапка на слободни работни места, од 3,69 отсто, има секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна, додека најмала е стапката во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, во кој изнесува 0,22 отсто.

Деловните субјекти со 10 до 49 вработени имаат највисока стапка на слободни работни места, од 2,70 отсто.

Во преработувачката индустрија, бројот на слободни работни места изнесува 2.393, во трговијата 1.830, во образованието 730, во административните служби 867 и во градежништвото 705 слободни места.