Од денеска во Србија според одлуката на Народната банка пошнува спроведување на мерките за олеснување за корисниците на кредити кои имаат оправдани причини за неможност за враќање.

Генералниот директор на Секторот за заштита на корисниците на финансиски услуги на НБС, Бојан Терзиќ, вели дека новите мерки им овозможуваат на граѓаните во тешки животни ситуации – како што се губење на работа, болест или семејни проблеми – да побараат помош од банките при враќање на кредитите, јави РТС.

-Банките се должни да соработуваат со клиентите и можат, во зависност од околностите, да одобрат одложување, реструктуирање или дури и делумно отпишување на долгот, тврди Терзиќ. Тој истакнува дека тие мерки не подразбираат автоматско зголемување на каматните стапки и дека целта е да се заштитат граѓаните кои привремено се во финансиски тешкотии.

-Ова не се бенефиции за кои треба да аплицира секој, туку оние кои се наоѓаат во таква ситуација што влијае на можноста за редовно отплаќање на кредитот. Може да биде секој корисник кој ја загубил работата, претрпи сериозна повреда или болест, има комплицирана семејна ситуација – како на пример неговиот сопружник е сериозно болен или е во тек развод. Значи, сè што го отежнува редовното отплаќање на обврските кон банката“.

На прашањето дали ова во пракса значи дека граѓаните кои доцнат со отплатата на кредитот по три месеци неплаќање треба сами да аплицираат за ваков вид помош или ако банката ги извести за тоа, Терзиќ нагласува дека и двете опции се можни.

„Банките се должни да се грижат за отплатата на кредитот. Од друга страна, заемопримачот има повеќе информации за својата финансиска состојба отколку самата банка – ако види дека има проблем, треба да оди во филијалата“, вели соговорникот.

Бојан Терзиќ тврди дека овие олеснувања не значат дека после тоа би имало дополнително и непредвидено зголемување на каматата на некои од кредитите.

Тој подвлекува дека меѓу корисниците има и такви кои имаат станбени, готовински и потрошувачки кредити и дека сите тие се опфатени со овие мерки.

„Исто така, има и такви кои истовремено имаат и станбени и готовински или потрошувачки кредити. Во таа ситуација, банката може да најде начин да ја реструктуира отплатата и да го продолжи рокот за плаќање. Важно е банките да бидат подготвени да соработуваат по ова прашање“, вели генералниот директор на Секторот за заштита на корисниците на финансиски услуги на Народната банка на Србија.

Терзиќ забележува дека во одредени случаи е можно и делумно отпишување на долгот на корисникот кон банката.

„Тоа беше наведено како опција меѓу деветте точки што ги зедовме од стратегијата. Отпишувањето на долгот е можно, на пример, ако сте имале профит во одреден период – па додека сте се договориле со банката, се пресметува одредена затезна камата, така што тој дел може да се отпише“.

Тој наведува дека не сè зависи од проценката на банките и дека ако корисникот биде одбиен, има право да поднесе жалба до комисија за олеснување.

„Потоа комисијата го разгледува барањето уште еднаш. Ние го следиме. Ако видиме дека банките се обидуваат да ја избегнат примената на одлуката, ќе ги казниме“.