Во земјите на Европската унија, сѐ поголем број фамилии даваат приоритет на чување домашни миленичиња во споредба со одгледување деца.

Податоците на Евростат за 2024 година откриваат дека во ЕУ имало речиси 202 милиони домаќинства, но само 47,6 милиони (23,6%) од нив имаат потомство, додека 76,4% се без деца.

Од друга страна, околу 91 милион европски домаќинства (46%) имаат домашни миленици. Највисок процент на фамилии со деца е забележан во Словачка (35,6%), Ирска (31,0%) и Кипар (28,6%).

Наспроти ова, најниски проценти се евидентирани во Финска (18,0%), Литванија (19,6%) и Германија (20,1%).

Од фамилиите со деца, речиси половина (49,8%) имаат по едно дете, 37,6% две, а 12,6% три или повеќе деца. Домаќинствата со едно дете преовладуваат во сите држави на ЕУ, освен во Холандија, каде што уделот на домаќинствата со две деца е повисок.

Фамилиите со три или повеќе деца се најзастапени во Ирска со 20,6%, потоа во Шведска со 18,1% и во Финска со 17,4%. Речиси половина од фамилиите во ЕУ чуваат домашни миленичиња. Вкупниот број на домашни миленици изнесува околу 340 милиони, од кои 127 милиони се мачки, 104 милиони кучиња, 53 милиони птици, 29 милиони мали цицачи, 22 милиони аквариумски риби и 11 милиони терариуми.

Според Федерацијата на европската индустријата за храна за домашни миленици (FEDIAF), Европејците само за исхрана на своите миленичиња, годишно трошат околу 30 милијарди евра, а уште 24,5 милијарди за други поврзани производи и услуги.