Главните берзански индекси на Волстрит вчера достигнаа нови историски рекорди, поттикнати од очекувањата дека Федералните резерви следната недела ќе одлучат за намалување на каматните стапки поради ослабената состојба на пазарот на труд.

Dow Jones порасна за 0,43 % и достигна 45.711 поени, S&P 500 се зголеми за 0,27 % на 6.512 поени, додека Nasdaq напредуваше 0,37 % на 21.879 поени.

Оптимизмот на инвеститорите се заснова на ревидираните официјални податоци за вработувањето, кои открија дека во изминатата година биле вработени околу 900 илјади лица помалку од првично прикажаното. Ова укажува на поголема слабост на пазарот на труд од очекуваното и го засилува притисокот врз ФЕД да делува за стимулирање на економскиот раст.

Во наредните денови вниманието на пазарите ќе биде насочено кон извештаите за потрошувачките и производствените цени, кои ќе дадат подобра слика за августовската инфлација и за просторот што ФЕД го има за намалување на цената на капиталот.

И на европските берзи беше забележан претежно раст: лондонскиот FTSE порасна за 0,23 % на 9.242 поени, а парискиот CAC за 0,19 % на 7.749 поени. Единствено франкфуртскиот DAX забележа пад од 0,37 %, на 23.718 поени.