На Волстрит, берзанските индекси паднаа во вторник, откажувајќи се од сите добивки од претходниот ден, бидејќи ракетните напади меѓу Израел и Иран продолжија, а инвеститорите стравуваа од поширок конфликт на Блискиот Исток.
Индексот Дау Џонс изгуби 0,70 проценти, на 42.215 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,84 проценти, на 5.982 поени, а индексот Nasdaq 0,91 процент, на 19.521 поен.
По порастот во понеделник, благодарение на надежите на инвеститорите дека конфликтот меѓу Израел и Иран наскоро ќе се смири, индексите паднаа во вторник бидејќи продолжија жестоките ракетни напади меѓу двете земји.
Инвеститорите се загрижени бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп ги повика сите да го напуштат Техеран и рече дека Иран треба „безусловно да се предаде“.
И додека ракетниот оган меѓу Израел и Иран влегува во својот шести ден, инвеститорите стравуваат дека конфликтот на Блискиот Исток би можел да се прошири. Уште повеќе што агенциите пишуваат дека САД распоредуваат повеќе борбени авиони на Блискиот Исток.
„Се наоѓаме во период на ниска видливост и голема неизвесност, па затоа инвеститорите се загрижени“, вели Тери Сандвен, стратег во „Ју-Ес-Еј Банк Велт Менаџмент“.
Покрај конфликтот на Блискиот Исток, инвеститорите внимателно ги следат сите нови вести за царините на Трамп и неговата сметка за даноци, како и каматните стапки.
Денеска, челниците на американската централна банка ќе објават соопштение од редовната седница, а поради високата инфлација во САД, речиси никој не очекува намалување на каматните стапки.
Цените на акциите вчера паднаа и на европските берзи. Лондонскиот индекс FTSE ослабе за 0,46 проценти, на 8.834 поени, додека франкфуртскиот DAX се лизна за 1,12 проценти, на 23.434 поени, а парискиот CAC за 0,76 проценти, на 7.683 поени.