Српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди дека американските санкции кон Нафтната индустрија на Србија (НИС) може да доведат до сериозни последици за енергетската стабилност на земјата. Во интервју за белградскиот Информер, Вучиќ рече дека ситуацијата е „се потешка“, но повика граѓаните да не паничат, нагласувајќи дека државата има доволни резерви на гориво – барем во краток рок.
„Имаме дизел што денес се троши. Проблемот ќе настане кога рафинеријата во Панчево ќе престане да работи. Апелиравме на руската страна, ги молевме Американците, и успеавме да издржиме осум месеци,“ изјави Вучиќ, додавајќи дека Србија нема алтернатива за оваа рафинерија.
Тој објасни дека доколку производството запре, ќе бидат потребни две до четири недели за повторно активирање, а прекин во пумпањето домашна нафта може да ја блокира индустријата со месеци. – Скопје1.мк
„Немаме друга рафинерија. Мораме што побрзо да изградиме нова – ќе бараме помош од Кина,“ додаде Вучиќ.
Вучиќ потврди дека Русија ѝ понудила на Србија само краткорочен договор за испорака на гас до Нова година, иако Белград очекувал тригодишен договор уште пролетта.
„Тоа е за нас разочарувачка вест. Бевме повеќе од фер и лојални партнери во секој поглед. Србија се откажуваше од арбитражи и други механизми само за да го зачува пријателството со Русија,“ рече Вучиќ.
Тој тврди дека Москва со овој потег испраќа политичка порака – дека во случај Србија да преземе мерки за национализација на НИС, Русија може да го прекине снабдувањето со гас на 31 декември.
„Не можев да им ветам на Американците дека ќе национализирам. Ако нешто ветам – морам да го исполнам,“ изјави Вучиќ, додавајќи дека Србија мора внимателно да „вади жешки костени од оган“.
Српскиот претседател уверува дека државата има подготвен план за стабилизирање на пазарот и дека граѓаните нема да почувствуваат недостиг од гориво во следните неколку месеци.
„Немаме редици на пумпите. Народот знае дека нивниот претседател зборува вистина. Имаме гориво за два до три месеца, но тоа нè чини повеќе од 300 милиони евра,“ изјави Вучиќ, додавајќи дека веќе се работи на увоз на дополнителни деривати.
Сепак, тој предупреди дека по четири до пет месеци, Србија би можела да се соочи со сериозни проблеми ако не се најде трајно решение.
„Ќе ги потрошиме сите резерви – но што потоа?“ запраша Вучиќ.
Вучиќ нагласи дека геополитичките околности се сè потешки и дека Србија мора да води „прагматична и внимателна политика“ за да избегне директно вклучување во глобални конфликти.
„Србија нема да учествува во војни и судири. Плаќаме доволно висока цена и вака. Но ќе ја зачуваме земјата. Знаеме како се управува со криза – од ковид, поплави, миграции, па до енергетски шокови. Ова можеби е најтешкиот предизвик, но решение ќе најдеме,“ изјави Вучиќ.