Независниот синдикат на државната администрација на Македонија денеска соопшти дека во Министерството за економија и труд е потпишан нов Колективен договор со кој е планиран раст на платите на административните службеници во етапи со вкупното покачување што ќе достигне 21% до 2028 година. Според договореното, платите на административните службеници во Министерството ќе се зголемуваат етапно во следните три години, и тоа 7% зголемување од 1 март 2026 година, дополнителни 7% од 1 март 2027 година и уште 7% зголемување од 1 март 2028 година.
Од синдикатот истакнуваат дека е неопходна рамнотежа на платите меѓу јавниот и приватниот сектор и дека државата мора да создаде деловна клима што ќе му овозможи и на приватниот сектор да го следи трендот на раст.
-Силната економија се потпира на два столба: задоволен работник во приватниот сектор и ефикасен службеник во јавната администрација – наведуваат од синдикатот.
Покачувањето на платите, според нив, подразбира и зголемена одговорност кај службениците, при што фокусот во наредниот период ќе биде ставен на бескомпромисно спроведување на законите и подзаконските акти, професионализација на органите на управата и обезбедување администрација која е сервис, а не бариера за граѓаните и бизнисите.
Од синдикатот додаваат дека реформите ќе продолжат со цел создавање достоинствени услови за работниците и воспоставување ред и ефикасност во институциите.
Покачувањето на платите беше договорено пред неполни два месеци кога премиерот Христијан Мицкоски по средбата во Владата со репрезентативните синдикати на администрацијата соопшти дека е постигнат значаен договор со синдикатите УПОЗ и САДУ, со кој се предвидува етапно покачување на платите за вработените во администрацијата, судовите и обвинителствата.
– Ова е поширок пакет кој опфаќа околу 11.000 вработени. Владата, како најголем работодавач, воспоставува договор кој гарантира достоинствено ниво на плати. Ова е историски момент бидејќи досега никогаш не сме имале ваков долгорочен план за усогласување на примањата – изјави тогаш Мицкоски.
Платите на вработените кои немаат статус на административни службеници ќе се уредуваат согласно Законот за минимална плата и општите прописи за работни односи.
Колективниот договор предвидува и бројни бенефити за вработените, меѓу кои: додатоци на плата за ноќна работа, сменска работа, работа во денови на празници и прекувремена работа, јубилејни награди, гаранции за заштита од вознемирување на работното место, мерки за заштита и безбедност при работа, уредување на платени и неплатени отсуства и друго.