Доколку останат сегашните трендови, очекувано е дека цената би се движела уште нагоре, но не се знае до каде, велат од Стопанската комора

За само неколку месеци граѓаните се шокираа од уште едно, многу високо зголемување на цената на јајцата. Колкаво е тоа може да се илустрира со примерот дека до неодамна десет јајца чинеа околу 85-98 денари (зависно од големината), а сега за таа цена може да се купи пакување од шест јајца. „Десетката“ скокна на 125-150 денари, што значи дека табла јајца од 30 јајца сега чини фантастични 400 денари.

Но, тоа не е ни најлошата вест, бидејќи како што предупредуваат од асоцијациите на стопанствениците, доколку продолжи поскапувањето на храната за несилките, цената на јајцата ќе се движи уште нагоре. До каде, не се знае.

Јајцата се едни од најзастапените производи во секое домаќинство, а и во индустријата, речиси е незамисливо да се произведе нешто без нив. Во современиот начин на живот тие уште повеќе добиваат на значење бидејќи ги користат и оние кои практикуваат здрав начин на живот – спортистите, рекреативците…

Која е причината за васквото зголемување на цената на јацата?

Од Министерството за економија и труд велат дека поскапувањето на јајцата е директен резултат на растот на трошоците за производство, пред сè кај храната за кокошки.

Увозот на пченката ги крена цените на јајцата нагоре

„Во изминатиот период забележуваме сериозно зголемување на берзанските цени на клучните суровини – не само пченката, туку и сојата, која е една од најважните компоненти во комбинираната сточна храна. Недостигот на пченка дополнително го зголеми притисокот и овој тренд е присутен на светско ниво, не само кај нас“, велат од Министерствот за економија и труд за „Независен“.

Сепак, како што додаваат, и покрај глобалните шокови, според нивните податоци, Македонија и понатаму има едни од најевтините јајца во регионот.

„Како Министерство за економија и труд, внимателно го следиме пазарот, наш приоритет се стабилни цени и континуирана поддршка за домашното производство“, велат од таму.

Според податоците на Министерствот за економија и труд, производството на јајца во земјава во изминатите седум години се движи од 130,9 милиони јајца во 2021 година до 185,6 милиони јајца во 2023 година или во просек околу 160,3 милини јајца годишно.

Дали јајцата во Македонија и покрај поскапувањето, навистина се најевтини или меѓу најевтините во регионот? Еве што покажа брзата споредба што ја направивме кај неколку малопродажни синџири во соседството, врз основа на цените кои што може да се најдат на нивните официјални интернет страници..

Во хрватски „Конзум“ пакување од десет јајца А класа и големина М чини 2,45 евра, а нешто поголемите (големина Л) се продаваат за 3,39 евра.

Во „Макси“ во Србија, пакување од десет јајца големина С чини од 186-227 српски динари (или околу 93-115 денари) додека оние со големина М се 214 динари, а поголемите (ХЛ) се 256 динари (околу 125-130 денари). Пакување од шест јајца во истиите маркети чини 185 динари или околу 90 денари.

Во Бугарија, во „Лидл“, табла од 30 јајца (без да се наведе големината) чини 4,83 евра, а во „Бил“а пакување од шест јајца големина Л се продава за 1,53 евра.

Од Стопанската комора на Северна Македонија во чии рамки е и Групацијата на живинарство, велат дека на цената на конзумните јајца влијаат повеќе фактори, како цената на готовата храна за исхрана на несилките која се конзумира дневно по единица јајце, а која се состои од повеќе компоненти како суровини кои треба да ги задоволат физиолошките потреби на несилките и потребите за снесување на јајце. Најголем процент отпаѓаат на компоненти како извор на протеини и енергија а тоа се сојата и пченката.

„Во Македонија нема производство на соја и таа целосно се увезува од Аргентина и САД, преку Грција. Цената на сојата се определува на меѓународни берзи и се менува на дневна основа. Во последниот месец има тренд на зголемување на цената, така што цената на тон соја во Грција се зголеми за 50 евра (од 312 евра/тон на 362 евра/тон) без транспортни и увозни давачки, што значи дека цената на истата пристигната кај нас се движи околу 400-410 евра“, велат од Стопанската комора. Очекувањата се дека овој тренд ќе продолжи и во наредниот период.

Од таму додаваат дека нашата земја има производство на пченка, но не во доволни количини и не со истиот квалитет на пченка по потекло од Србија. Повеќето од фармите увезуваат пченка од Србија.

„За жал оваа година приносот на пченката е преполовен во однос на 2024 година и последователно доведе до намалена понуда во споредба со побарувачката. Сето ова влијаеше за зголемување на цената за 8-10 евра по тон (во моментов цената е околу 200 евра по тон франко утовар)“, велат од комората. Додаваат дека во последните две недели се чувствува стагнација на понудата и очекувањата се дека уште ќе се зголеми цената. Дополнително на ова негативно влијае војната во Украина што резултира со намалено производство и понуда на пченката и останатите житарици на светскиот пазар и доведува до нарушување на традиционалните ланци на снабдување.

Врз цената, како што посочуваат од Комората, влијае и зголемената побарувачка и намалената понуда на конзумни јајца, што се должи на намалување на производствените капацитети во земјите членки на ЕУ заради регулативата на ЕУ во однос на јаглеродниот отпечаток, потоа намалување на производствените капацитети во САД и во повеќе земји членки на ЕУ заради појавата на птичјиот грип преку цела година (при ерадикацијата на болеста се применува stumping out – убивање на живина во афектираните региони, а за повторно враќање на производството на исто ниво потребен е период од 8 до 12 месеци), како и зголемена побарувачка на конзумни јајца, затоа што јајцата како извор на протеини од животинско потекло потребни во исхраната на луѓето се се уште најевтини во споредба со цената на останатите производи од животинско потекло.

„Намалената куповна моќ на потрошувачите влијае на зголемена потрошувачка на конзумни јајца во услови на исто производство и понуда“, велат од комората, додавајќи дека цената на конзумни јајца на нашиот пазар е пониска во споредба со земјите во регионот (Албанија, Косово, Србија, Грција и Бугарија), а со земјите членки са ЕУ не се ни споредува.

„Доколку останат погоре наведените трендови, очекувано е дека цената би се движела уште нагоре, но до каде не сме во состојба да предвидиме“, велат од Стопанската комора за „Независен“.

Јајцата во неколку наврати беа дел од производите за кои во изминатиот период се преземаа мерки за смирување на цените во маркетите

Нивните податоци за производство на јајца малку се разликуваат од оние на Министерството за економија, односно дека во периодот 2021-2023 во Македонија се движи од 150-190 милиони јајца годишно. Мината 2024 година надмина 200 милиони јајца.

Во однос на извозот на јајца, пак, од Министерството за економија велат дека до 2022 година бил под 1 милион килограми и се движи од 541.237 кгр (во 2020 година) до 923.885 кгр (во 2022 година).

„Трендот на раст е во последните пет години. Растот е особено забележителен во последните три години (2023, 2024 и првите девет месеци од 2025 година)“, велат од Министерството за економија.

Просечната извозна цена на јајца исто така има забележителен раст, почнувајќи од 2022 година, кога е остварена просечна извозна цена од 1,646 евра по килограм јајца, и истата во 2025 година изнесува 1,711 евра/кгр.

Увозот на јајца, пак, до 2023 година се движи од 634.841 кгр (во 2021 година) до 1.697.887 кгр (во 2018 година). Истиот има тренд на раст во последните две години (2024 и првите девет месеци од 2025 година).

Просечната извозна цена на јајца до 2020 година е под 1 евро по кгр. Таа има забележителен раст во 2022 година (1,612 евра по кгр и 2023 додина (1,427 евра по кгр). Таа во 2025 година изнесува 1,065 евра/кгр и е значително пониска од извозната цена на јајца во овој период. Увозната цена на јајца и во претходните две години (2023 и 2024) е значително пониска од просечната извозна цена на јајца, посочуваат од Министерствот за економија.

Од Министерството за земјоделство, пак, велат дека немаат надлежност во поглед на формулирањето и регулирање на цената на јајцата на домашниот пазар.

Во однос на производството според податоците од Државниот завод за статистика,за 2024 година бројот на кокошки несилки е 1.026.434, а бројот на јајца е 151.087.000.

„Поради појавата на авијарна инфлуенца-птичји грип во ЕУ и зголемената потреба од јајца сите фармери работат на зголемување на капацитетите“, велат од Министерството за земјоделство, додавајќи дека согласно податоците од Државниот завод за статистика остварен е извоз од 4.035.495 килограми, а увезени се 3.575.321 килограми  јајца.

На прашањето на „Независен“ кои се клучните проблеми со кои што се соочуваат производителите на јајца во земјава, од Министерството за земјоделство ги посочуваат зголемувањето на цената на храната за живина, како и цената на амбалажата.

Инаку, јајцата во неколку наврати беа дел од производите за кои во изминатиот период се преземаа мерки за смирување на цените во маркетите, заедно со лебот, брашното, сирењето, млекото… Прашање е дали надлежните размислуваат за некоја мерка која ќе го запре растот на цената на овој производ, имајќи ги предвид причините кои беа посочени за поскапувањето.

Од друга страна, и покрај тоа што граѓаните упорно алармираат за пораст на цените во маркетите, владата упорно ги игнорира таквите поплаки иако, барем вербално, никогаш не ги исклучуваат мерките (преку ограничување на цените или на маржите, или некои други пазарни), но секогаш се затскриваат зад формулацијата дека се следат состојбите на пазарот, и ако треба, ќе се преземат соодветни мерки.