ПОСЛЕДНОТО ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЕНЗИИТЕ Е „ИЗЕДЕНО“ ОД ПОРАСТОТ НА ЦЕНИТЕ!
Покачувањето на пензиите од 1.000 денари не ги следи ценовните шокови, а куповната моќ значително опадна. Пензионерите веќе алармираат дека последното покачување од 1.000 денари е целосно „изедено“ од инфлацијата. Со тие пари, денес можат да се купат само околу три килограми домати, што ја отсликува реалната ерозија на куповната моќ. Во услови на континуиран пораст на цените на храната, енергентите и основните услуги, секојдневните трошоци стануваат сè потешки за покривање, а потребата за системски и надворешни мерки е сѐ поголема.
Пензионерите, во март, ќе добијат 1.000 денари плус на своите сметки, а со тоа ќе се заокружи линеарното зголемување од 2.000 денари. Линеарното покачување на пензиите почна со смената на власта, како дел од предизборните ветувања, така што пензионерите, во три наврати, добија линеарно покачување, односно 6.000 денари минатата година, а со мартовското зголемување пензиите ќе им бидат зголемени за 7.000 денари. Линеарното покачување остана во сила откако Уставниот суд ја отфрли иницијативата за неуставноста на ваквото зголемување на пензиите. Со оваа одлука се стави точка на неизвесноста на пензионерите кои за неколку дена ќе ги добијат зголемените пензии.
Но, зголемувањето на пензиите за 1.000 денари, кое требаше барем делумно да го ублажи ударот од порастот на цените, веќе не го дава очекуваниот ефект. Во услови на постојана инфлација и поскапување на основните прехранбени производи, пензионерите се соочуваат со реалност во која ова покачување има сè помала вредност. Според нивните пресметки, со тие пари може да се купат само неколку килограми домати, што најдобро ја отсликува ерозијата на куповната моќ.
Станка Трајкова, претседател на Сојузот на здруженија на пензионери, за весникот ВЕЧЕР вели дека ќе бараат да се преземат некои мерки надвор од пензискиот систем за да се подобри материјалниот статус на пензионерите.
–Линеарното зголемување на пензиите беше преодно решение и со мартовското зголемување на пензиите од 1.000 денари завршува неговата важност. Се надеваме дека таа одредба престанува во март и останува на сила системското решение, односно усогласување на пензиите со 50 отсто од порастот на инфлацијата и 50 отсто од порастот на просечната платите. Доколку не се пристапи кон измени и дополнувања на постојната законска регулатива, од септември пензиите ќе се зголемуваат согласно со системското законско решение, вели Трајкова.
Таа вели дека има формирано работна група која работи на пензиски реформи, не се работи само на нивно усогласување туку предвид се земени повеќе општествено-економски аспекти од кои зависат пензиите.
–Усогласувањето на пензиите во Македонија е важно затоа што сѐ уште немаме стабилен економски систем. Токму поради таа неурамнотеженост, односно постојаниот пораст на инфлацијата и на платите, пензиите се постојано на удар. Ние предлагаме да остане ова системско решение, но да се применува поповолниот износ, помал пораст на трошоците на живот и поголем раст на плати, појаснува Трајкова.
Според неа, линеарното зголемување на пензиите наиде на многу критики, бидејќи се создаде впечаток дека на ваков начин се зема од едни и се дава на други. Освен тоа, оние што плаќале повисоки придонеси со линеарното зголемување, се ставаат во ист кош со другите.
И пензионерите предупредуваат дека последното покачување од 1.000 денари веќе е целосно „изедено“ од инфлацијата. Во услови на континуиран пораст на цените на храната, енергентите и основните услуги, тие велат дека секојдневните трошоци стануваат сè потешки за покривање, а куповната моќ значително опаѓа.
–Со тие 1.000 денари денес не можеш ништо да направиш. Порано можеше да се наполни барем половина кеса од маркет, а сега можеш да купиш само неколку килограми домати кои се продаваат над 300 денари за килограм. Сè е поскапено – од леб до струја. Ние не бараме луксуз, туку да можеме нормално да живееме, вели еден пензионер.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, рече дека зголемувањето на пензиите е дел од клучните политики и мерки од новата програма на партијата
– Пензионерите што ја градеа оваа држава се оставени на маргините, гледајќи како нивните пензии секој месец губат во трката со цените и платите. Ние не нудиме само бројки туку нов социјален договор. Прво, платите горе, потоа пензии, стоп за профитерите, македонски пари дома и крај на пазарниот терор, рече Филипче.
Мерките, како што рече, предвидуваат пораст на платите на работниците и 50 отсто поголеми пензии.