Додека синдикатите и работниците секојдневно алармираат за тешката материјална состојба особено на вработените со најниски примања, функционерите се веќе во пресметки за колку ќе им се зголеми платата следниот месец.
Ниту на крајот на ланската година, ниту на почетокот од новата, функционерите не го ставија прашањето за раст на минималецот како приоритетна точка.
Инаку, Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица предвидува дека платата на функционер и на раководен работник се утврдува на начин што основицата за пресметување на плата се множи со утврдениот коефициент и се зголемува за процентот за работното искуство. Тоа според пресметките на ССМ би изнесувало ново зголемување на функционерските плати од 200 до 300 евра, зависи колку е висока функцијата.
„Работното искуство се вреднува така што платата во месечен износ се зголемува процентот утврден за работното искуство од 0,5% за секоја започната година работен стаж, а најмногу до 20%. Основица за пресметување на платата е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Истите функционери одбиваат да дадат поддршка на работниците и да го прифатат барањето за зголемување на минималната плата и за зголемување на останатитите работнички плати.”
Според официјалните податоци кои ги објави владата пред повеќе од една година, премиерската плата изнесува речиси 2 300 евра, вицепремиерските и министерските плати се на ниво од речиси 1900 евра. Пратениците месечно добиваат плата од околу 2000 евра.
Од друга страна на едно работничко семејство му се потребни 2,6 минимални плати за да ги покрие само најосновните потреби, односно за една Синдикална минимална кошница, а еден функционер со својата плата може да си дозволи 2 до 2,5 Синдикални минимални кошници.