Разликата меѓу минималната и просечната плата сè повеќе се зголемува. За работниците што земаат минимална и нешто над минималната плата, просечната плата изгледа недостижна. Економските експерти сметаат дека големата разлика во платите е резултат на капитализмот, каде што примањата од капитал се многу поголеми од примањата од плата. – Државата треба да воведе прогресивно оданочување, односно повисока даночна стапка на оние со поголеми примања и поголемо оданочување на приходите од капитал што сега се оданочуваат со 10 отсто, а помало на приходите од плата што се оданочуваат со 50 отсто – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.

Дали платите го следат растот на трошоците за живот на граѓаните и дали растот на просечната плата е доволен показател за примањата на граѓаните и за животниот стандард на работниците. По објавата на Статистка дека просечната месечна исплатена нето-плата во април годинава изнесувала 45.452 денари и дека била зголемена за 10,6 проценти во однос на тој месец лани, се создава впечаток дека работниците во Македонија добро заработуваат. Но, според економистите, тоа не е така бидејќи поголем дел од работниците во државата, односно 80 отсто земаат под просечната плата.

Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија вели дека сè повеќе се зголемува разликата меѓу минималната и просечната плата.

– Тоа е капитализмот – нема еднаквост. И во социјализмот платите на работниците не беа еднакви, но разликата беше помала. Во капитализмот, некои професии се многу поплатени. Од друга страна, има голема разлика во годишните примања на оние што живеат од капитал и на оние што живеат од плата. Поради тоа, државата треба да воведе прогресивно оданочување. Повисока даночна стапка на оние со поголеми примања и поголемо оданочување на приходите од капитал што сега се оданочува со 10 отсто, а помало на приходите од плата што се оданочуваат со 50 отсто – изјави Димитров за весникот ВЕЧЕР.

Капитализмот создаде голема разлика во платите, но државата има можности, преку даночната политика, да им префрли поголем дел од товарот на побогатите.

– Ние, во овој момент, го финансираме и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, што значи голем дел од буџетот оди за социјални трансфери. Но, кога сме кај даноците, најголемите буџетски приходи се од ДДВ, кој го плаќаат сите. Поради тоа, потребно е со други даноци да се соберат повеќе пари од побогатите, со кои ќе се покријат овие социјални трансфери – вели Димитров.

Ставот на Организацијата на работодавачи во однос на барањето за зголемување на минималната плата е дека треба да се зголеми таа, но дека треба да се почитува Законот за минимална плата. Тоа значи, ако расте продуктивноста, да расте и минималната плата.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија остануваат на ставот дека треба да растат платите, а власта да најде нова формула како да го направи тоа.

– Треба да се најде друг систем за пораст на платите. Народот сè повеќе осиромашува и бега надвор од државата или работи на црно. Податоците покажуваат дека трошоците за живот за два месеца пораснале за 2.700 денари, а храната за 1.678 денари – велат од ССМ.

Оттаму додаваат дека не треба да се гледа само просечната плата бидејќи најголем дел од граѓаните, односно околу 80 отсто земаат под просечната плата.

Според Статистика, најголем раст на просечната плата има во секторите: здравство и социјална заштита со зголемување од 14,7 проценти; образование со раст од 14,4 проценти и административни и помошни услужни дејности со 13 проценти. Во споредба со претходниот месец, најмногу пораснала платата во секторите: информации и комуникации – за 4,2 проценти; административни и помошни услужни дејности со 3,9 проценти и здравство и социјална заштита со 3,8 проценти