Работа има, но платите се мали за високата цена на станбениот квадрат. Познавачите на состојбите на пазарот го лоцираат проблемот со иселувањето на младите во неможноста за да се осамостојат и да имаат сопствен стан. Последните податоци од Народната банка не се воопшто оптимистички и покажуваат дека за една година, цените на становите во Скопје пораснале за 22,3 проценти. Градежниот експерт, Никола Велковски, вели за весникот ВЕЧЕР дека доколку сака Владата да ги задржи младите во државата, треба да им обезбеди полесен начин да дојдат до покрив над глава. Ако се земат предвид платите и цените на недвижниот имот, тогаш за купување имот во Скопје, треба да се работи од 10 до 17 години.

Младите полесно доаѓаат до работа, но сè потешко до стан. Работа има, но платите се мали за високата цена на станбениот квадрат. Познавачите на состојбите на пазарот го лоцираат проблемот со иселувањето на младите во неможноста за да се осамостојат и да имаат сопствен стан. Младите или заминуваат во странство или живеат под кирија, а мал е бројот на оние што имаат свое живеалиште и се целосно самостојни и независни. Според нив, и оние што имаат сопствен стан, имаат потреба од поддршка од родителите, бидејќи со малите плати треба да платат рата за стан, сметки, храна… Последните податоци од Народната банка не се воопшто оптимистички и покажуваат дека за една година, цените на становите во Скопје пораснале за 22,3 проценти. И покрај тоа што бројот на издадени одобренија бележи пад, цената на квадратот не паѓа.

Градежниот експерт Никола Велковски вели дека доколку сака да ги задржи младите во државата, Владата треба да им обезбеди полесен начин да дојдат до покрив над глава.

– Државата треба да создаде подобри економски услови за да ги задржи младите. Односно да им овозможи полесно да се осамостојат и да дојдат до покрив над глава. Еден од реалните проблеми е што тешко може да дојдат до стан. И двајцата да имаат работа, младите брачни двојки тешко може сами да купат стан доколку немаат поддршка од родителите. Освен тоа, проблем се и високите рати и каматните стапки за станбените кредити. И со високи плати, двајца млади вработени не може да издржат финансиски да плаќаат рата за стан, сметки, храна и други трошоци – вели Велковски за весникот ВЕЧЕР.

Според него, треба да се градат повеќе државни станови, кои ќе бидат поевтини за младите и ќе ја спуштат цената на станбениот квадрат.

– Овие станови не треба да се дават на лицитација, бидејќи на тој начин повторно се постигнува висока цена на квадратот. Државата треба да го субвенционира купувањето станови за младите брачни двојки, дали преку намалување на учеството, ратата, каматната стапка… – појаснува Велковски.

Градежните експерти велат дека нема потреба од толку многу нови згради, бидејќи младите заминуваат во странство, а околу 100 илјади стана стојат празни. Сè уште купувањето втор и трет стан е најдобра инвестиција за они што имаат пари. За да има повеќе зелени површини, тие предлагаат државата да ги откупува парцелите во централното градско подрачје и да ги пренамени во паркови и во игралишта како што е случајот во последно време во Европа.

Граѓаните не се оптимисти дека ќе се смени нешто на подобро. Велат дека младите или заминуваат во странство или доколку се во свое живеалиште, повторно имаат потреба од поддршка од родителите. Според нив, мал е бројот на оние што се целосно самостојни и независни.

Ако се земат предвид платите и цените на недвижниот имот, тогаш за купување имот во Скопје, треба да се работи од 10 до 17 години, за во Дојран 8, а за во Крива Паланка 6 години.

Во Европа има и држави каде што младите на 19 или 21 година почнуваат да живеат самостојно. Тука се вбројуваат Шведска (19 години), Финска (21,2 години), Данска (21,3 години) и Естонија (22,7 години). Но, спротивност на нив се: Португалија, каде што младите живеат со родителите до 33,6 години; Хрватска (33,3 години); Словачка (30,9 години); Грција (30,7 години) и Бугарија (30,3 години).