Забранети се уште 33 нелегални веб-страници кои приредуваат игри на среќа. Со тоа, вкупниот број на досега опфатени нелегални страници е 307, информираат од Министерството за дигитлна трансформација.

Последниот налог за ограничување на пристапот до 33-те нелегални веб-страници преку јавните електронски комуникациски мрежи е потпишан денес од министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Налогот е доставен до Агенцијата за електронски комуникации, која е должна во рок од пет дена да го достави до операторите на електронски комуникациски мрежи за спроведување.

Министерството за дигитална трансформација ќе продолжи со континуирани мерки за сузбивање на нелегалното приредување игри на среќа на интернет, со цел заштита на граѓаните и безбедност во дигиталниот простор.