Предупредувањата завршуваат, следуваат казни. Владата ќе предложи законски измени во првиот квартал од годинава, со кои ќе се зголемат глобите за трговските ланци што ги кршат правилата за нефер трговија.

Сегашната казна од 20 илјади евра, очигледно, не ги спречи злоупотребите. Премиерот Христијан Мицкоски директно ги обвини дел од маркетите дека водат бизнис исклучиво за сопствен профит, на штета на граѓаните и порача дека државата е подготвена на жесток одговор.

Премиерот Мицкоски не сакаше да открие дали трите маркети кои тој ги споменува, а кои се соочуваат со високи казни, се дел од оние за кои постои сомневање за картелско здружување. Тој ја oбвини претходната власт дека знаела за нив, но ги толерирала.

Според него, актуелната Влада сега ги процесуира тие случаи преку надлежните институции. Државниот пазарен инспекторат и Комисијата за заштита на конкуренцијата ја анализираат работата на неколку маркети, дали има договорни цени и злоупотреба на пазарната моќ.

Паралелно, Министерството за економија прави анализа на цените, споредба меѓу крајот на минатата и почетокот на оваа година. Доколку се потврдат поскапувања и девијантно однесување, ќе следуваат конкретни санкции, најавуваат надлежните. Законските измени со повисоки казни се очекува наскоро да се најдат пред пратениците.