Со цел зајакнување на еколошките капацитети и унапредување на управувањето со природните ресурси во прекуграничниот Преспански регион, Македонското еколошко друштво започнува со имплементација на проектот„Преспа – Зелена и сина иницијатива: Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“.

Проектот беше јавно претставен минатата недела во преспанското крајбрежно село Езерани, на настан по повод Светскиот ден на животната средина на кој присуствуваа Амбасадорот на Европската Унија, Н. Е. Михалис Рокас, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан, градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски и извршната директорка на Македонско еколошко друштво, м-р Робертина Брајаноска, заедно со претставници на повеќе јавни институции, невладини организации и локални жители.

Проектот предвидува реализација на обемна програма составена од активности распоредени во четири клучни области: едукација, истражување, заштита и комуникација. Проектната цел е да поттикне подлабоко разбирање за еколошките комплексности во Преспа и да ја мотивира поширока јавност да се вклучи во нејзината заштита. Истовремено, институциите кои управуваат со заштитените подрачја ќе добијат зајакнати капацитети за истражување и мониторинг на приоритетни видови и живеалишта, како предуслов за следственото спроведување на конкретни мерки и планови за заштита на екосистемите. Сето тоа ќе се реализира транспарентно, преку инклузивна комуникациска програма која активно ќе ја вклучува јавноста. Проектот ќе се имплементира во период од четири години, од 19.03.2025 до 19.03.2029 година.

„Инспирирани од децениското локално искуство во Преспа поврзано со истражувањето на природните екосистеми, подигнувањето на свестанапорите за едукација, воспоставената соработка со заштитените подрачја, Општина Ресен и нашите партнери во заштитата на прекуграничниот преспански регион, Македонското еколошко друштво ќе ги искористи своето искуство и експертиза и ќе ги сподели и пренесе на нашите партнери со цел постигнување на предвидените резултати. Јакнењето на капацитетите на заштитените подрачја за да можат да ги исполнуваат предвидените мерки во плановите за управување, какои едукацијата на најмладите и подготовката на нови млади лидери кои би се залагале за зачувување на регионот, е особено важно за обезбедувањето одржлива иднина за ова подрачје“ – објаснува м-р Робертина Брајаноска, извршна директорка на Македонско еколошко друштво.

Амбасадорот Рокас, градоначалникот на Ресен Тозиевски и постојаниот претставник на УНДП во земјата Григорјан зедоа активно учество во програмата ЕУ за Преспа на одличен собир во Езерани, каде што екоактивисти и претставници на Општина Ресен дискутираа и презентираа предлози за почист и поатрактивен Преспански регион“ – споделија  од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија по настанот во Езерани.

Заедно со Македонското еколошко друштво, партнери во реализацијата на проектните активности се Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа од Република Грција (SPP) и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Проектот ќе се реализира во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Националниот парк „Пелистер“.

Проектот „Преспа – Зелена и сина иницијатива: Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“ е финансиран од Европската Унија, а кофинансиран преку Фондот за природа Преспа-Охрид (PONT).

За Македонското еколошко друштво (МЕД)

Македонското еколошко друштво (МЕД) е здружение на граѓани основано во 1972 година, активно во областа на екологијата и заштитата на животната средина. Мисијата на МЕД е да ги заштитува природата и животната средина преку проширени знаења и граѓанска вклученост. МЕД своите цели и задачи ги остварува преку спроведување и учество на проекти, како и организирање научни и стручни собири. Покрај научноистражувачката дејност, МЕД работи на јакнење на своите капацитети преку обучување на своите членови и создавање млади научни кадри. Со вклучување млади еколози, биолози, агрономи, шумари, технолози и други ентузијасти во научноистражувачката работа и нивно доусовршување преку различни обуки, магистерски и докторски студии во државата и надвор од неа, МЕД помага кон формирање млади кадри кои во иднина би се справувале со предизвиците на полето на екологијата, заштитата на животната средина и природата. МЕД издава научни и популарни изданија од областа на екологијата и заштитата на животната средина, соработува со други организации и членува во бројни домашни и меѓународни здруженија и асоцијации. Македонското еколошко друштво организира меѓународни собири и конференции во нашата земја поврзани со заштитата на животната средина и тоа во соработка со признаени меѓународни организации и фондации.