Правниот застапник на Здружението на оштетени физички и правни лица, штедачи на Еуростандард банка Љупчо Кузмановски, на денешната прес-конференција пред Судот изјави дека се надеваат дека ставот на МБА дека во стечајната постапка за Еуростандард банка постоела можност да се нанесе ненадоместлива штета директно на Фондот за осигурување на депозити и со тоа индиректно на банките и штедилниците кои го финансираат овој фонд нема да најде на поддршка и дека како неоснован ќе биде одбиен приговорот на Фондот за осигурување на депозити.

Од стечајната маса на Еуростандард банка, како што рече Кузмановски, има доволно средства да се обесштетат сите оштетени доверители – штедачи депоненти физички и правни лица и плус да останат солидни средства за да наплати Фондот за осигурување на депозити. Според него се уште се необесштетени околу 3.000 оштетени штедачи и доверители од кои околу 700 се физички лица, а над 2.000 правни лица, пишува Вечер.прес.

Инсистираме на неселективна примена на Законот и да важи подеднакво за сите, без разлика дали е во прашање Фондот за осигурување депозити, банка или последниот оштетен штедач од ова здружение, рече Кузмановски.
Нагласи дека доколку на тој начин се применеше Законот тогаш Фондот за осигурување депозити немаше да биде доверител во стечајната постапка, особено по укинувањето на член 163, став 3 од Законот за банки од страна на Уставниот суд.

„Ниту во Законот за Фондот за осигурување на депозити, ниту во кој било друг закон не постои одредба која му дава право на Фондот за осигурување на депозити да биде доверител во стечајна постапка за банка. Неговата обврска за исплата на депонентите физички лица до 30.000 евра е утврдена со закон, соодветно на што, и неговото право на регрес (враќање) на исплатените средства во стечајната постапка треба да биде утврдено со закон. Но, таков закон не постои, поточно, нема материјална одредба во ниту еден закон според која Фондот за осигурување на депозити, врз основа на своето регресно право, може да биде доверител во стечајната постапка за банка. Затоа, Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје мораа, преку правна еквилибристика, и врз основа на непостоечка посебна (sui generis) законска суброгација, каде правен основ е подзаконски акт (Статутот на Фондот за осигурување на депозити), да утврдат дека Фондот останува доверител во стечајната постапка за Еуростандард банка. Во таквата реалност на нашата правна држава, Фондот за осигурување на депозити остана доверител во стечајната постапка на Еуростандард банка без да биде наведено од страна на Основниот граѓански суд Скопје и од Апелациониот суд Скопје во кој закон е предвидена посебна (sui generis) законска суброгација“, појасни Кузмановски.

Поради што, нагласи, како Здружение очекуваме произнесување од Судскиот совет по барањето за утврдување на одговорност поради несовесно и нестручно постапување на судиите кои одлучувале по овој предмет.