Газдите кои ќе го присвојат минималецот добиен од државата за исплата на плати на работниците ќе заработат казна до 10.000 евра. Освен ова тие и кривично ќе одговараат.

Откако еднаш се „изгоре“ сега Владата одлучи да ги стегне критериумите за државната помош за компаниите со четвртиот пакет антикризни мерки. За најмалите микро-фирми казната е од 500 до 1.000 евра, а 10.000 е за големите компании кои нема да ја исплатат на работниците целата сума која ја добиле од државата. Законот вчера го усвои Владата. А помошта варира во зависност од тоа колку кризата го погодила бизнисот.

ФИРМИТЕ КОИ ИМААТ НАМАЛЕН ПРИХОД ОД 30% ДО 40%, ЌЕ ДОБИЈАТ ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ДО 14.500 ДЕНАРИ ПО ВРАБОТЕН; ЗА НАМАЛЕН ПРИХОД ОД 40,01% ДО 50% ПРЕДВИДЕНИ СЕ ДО 15.955 ДЕНАРИ ПО ВРАБОТЕН, А ЗА ПАД ОД НАД 80% ЌЕ ИЗНЕСУВА ДО 21.776 ДЕНАРИ ПО ВРАБОТЕН- СООПШТИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ.

По критиките во јавноста, од 70-те милиони евра од Буџетот за исплата на октомвриската, ноемвриската и декемвриската плата, пари нема да има за компаниите кои во последните три години имале профит над 10 милиони евра.

Скандалот пак со злоупотребите на претходната државна помош извади на површина стотици газди кои државните пари за исплата на минималец на работниците си ги ставале во џеб. Откако Владата неколку пати им прогледуваше низ прсти и им оставаше простор да платат, околу 240 газди ги исплатија парите, а на списокот останаа околу 340 кои злоупотребиле 180.000 евра од државниот минималец. Владата испрати список со фирми до Обвинителството и побара газдите кривично да одговараат. Од Обвинителството се уште истражуваат и детали не откриваат.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предупреди дека законот за субвенционирање на платите не е стигнат во собрание. Потпретседателот и актуелен пратеник Александар Николоски изјави дека тој не може да се изгласа за пет дена што значи дека компаниите нема да ја добијат финансиската поддршка за октомври. Дека компаниите нема на време да ја добијат помошта предупредија и бизнисмените. Но заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски, смирува дека помош ќе има.

Со ребалансот се предвидени парите за помош на стопанството,а пратениците ќе треба да го изгласаат и Законот за финансиска помош, за фирмите да можат да ги добијат парите до 15 ноември, до кога треба да ја исплатат октомвриската плата.