Естонија, Кипар, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка – забележаа раст на куповната моќ изразена во БДП по глава на жител од 51% од просекот на 14-те „стари членки“ во 2004 година на 79% во 2023 година. 

Десет земји кои станаа членки на ЕУ пред 20 години изминативе две децении се развиваа многу побрзо од просекот на Унијата и успеаја речиси двојно да го зголемат својот БДП по глава на жител, покажуваат податоците на Европската комисија.

Естонија, Кипар, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка – забележаа раст на куповната моќ изразена во БДП по глава на жител од 51% од просекот на 14-те „стари членки“ во 2004 година на 79% во 2023 година.

– Врз основа на нашите 10-годишни проекции, овие 10 земји членки треба дополнително да го намалат јазот во приходите со „старите“ членки во следната деценија. Во 2033 година, нивните просечни нивоа на приход треба да се искачат на 92 отсто од оние на ЕУ14 – изјави еврокомесарот за економија Паоло Џетилони презентирајќи ги пролетните економски перспективи на Унијата за 2024 и 2025 година.

Тој додаде дека ваквите податоци се многу добра вест за земјите од Западниот Балкан, како и за Грузија, Молдавија и Украина, кои „работат на пристапување кон ЕУ“.

Во однос на економските предвидувања за наредниот период на ниво на цела ЕУ, Џентилони порача дека „по тешката 2023 година“ економската активност зајакна во првото тримесечје од годинава, по што во наредните квартали се очекува „забрзување на економскиот моментум“, што ќе доведе до годишна стапка на раст на ниво на ЕУ од еден отсто во оваа и 1,6% во 2025 година.

Според него, благодарение на силниот пазар на трудот и растот на реалните плати во ЕУ, се очекува приватната потрошувачка да го поттикне економското закрепнување и да ја зајакне куповната моќ.

– Инфлацијата дополнително се намали од почетокот на годината и треба да продолжи да се намалува, достигнувајќи ја целта на ЕЦБ во текот на 2025 година. Коефициентот на буџетскиот дефицит во ЕУ треба да продолжи да опаѓа во 2024 година, додека стапката на долгот малку ќе се зголеми во 2025 година – рече еврокомесарот за економија.

Во првиот овогодишен квартал намалувањето на стапката на инфлација беше поголемо од очекуваното и достигна 2,6%, за дополнително да падне на 2,4% на крајот на април. Така, прогнозите за ЕУ се инфлацијата од ланските 6,4 да се намали на 2,7% на крајот на годинава и на 2,2% во декември 2025 година. На ниво на Еврозоната се очекува стапката на инфлација од ланските 5,4% да се намали на 2,5% следната и на 2,1% на крајот на 2025 година.

Кога станува збор за буџетскиот дефицит, по неговото значителното намалување во текот на 2022 година, тој лани порасна од 3,4 на 3,5% од БДП, како последица на влошените економски услови и растот на трошоците за камати. За оваа година, според Џентилони, се предвидува буџетскиот дефицит да се намали на 3,0% од БДП, а следната година на 2,9% од БДП.

По рекордното ниво на долгот од 92% од БДП во 2020 година, лани тој се сведе на 83%, по што се очекува да остане на исто ниво и во текот на годинава, по што би уследил негов мал раст во текот на 2025-та на 83,4% од БДП, како резултат на повисоките трошоци за негово сервисирање и очекуваниот понизок номинален економски раст.

Неодамнешното намалување на каматните стапки на глобално ниво се очекува да резултира и со олабавување на монетарната политика на ЕУ, па така почнувајќи од јуни се предвидува постепено намалување на основната камати од сегашните 4 на 3,2% до крајот на годинава, за потоа да следи нејзин дополнителен пад до 2,6% до крајот на 2025 година.

Пролетната прогноза на ЕУ предвидува и глобален економски раст од ланските 3,1%, на 3,2 % годинава, па до 3,3% во 2025 година.

Сепак, според Џентилони, и покрај очекуваните позитивни економски резултати и „подобрувањето на сликата за европската економија во следните две години“, негативните ризици и несигурноста остануваат зголемени, пред се поради војните крај „границите на ЕУ“ и на Блискиот Исток.

Џентилони нагласи дека ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток предизвика нестабилност на цените на нафтата од почетокот на годината, а врз нивниот раст дополнителни влијание имаше и овогодишниот економски раст на Кина и на САД, што беа поголеми од очекуваните.

Од друга страна, цените на гасот беа само маргинално повисоки од оние во текот на зимата и многу под нивното есенско ниво, додека цените на бензините се очекува да растат во просек на 31 евро за мегават час во 2024 и 35 евра за мегават час во 2025.

– Како такви, цените на енергијата не се очекува да бидат силната дезинфлациска сила каква што беа во блиското минато – заклучи Џентилони.