Пожарите кои беснееја во Македонија минатата година направиле штета од околу 40 милиони евра. Оваа сума е пресметана како загуба на шумскиот фонд на државата, според годишниот извештај на ЈП „Национални шуми“.
Ланските пожари ја затекнаа владата неподготвена, трите авиони не беа сервисирани, па помош дојде од повеќе страни како Австрија, Словенија, Србија, а владата беше принудена да прогласи кризна состојба во траење од 30 дена на 5 август.
Во денари, сумата е точно 2.373.137.539 денари, додека во евра 38,77 милиони евра. Ова по се е најмногу досега забележано во историјата на Македонија, бидејќи најголемата штета досега беше регистрирана во 2017 година која беше 32 милиони евра.
Покрај шумите на јавна површина, имаше опожарени и голем број шуми во приватна сопственост и со тоа економски беа погодени неколку различни локални дејности.
Според извештајот во 2021 опожарена е дрвна маса од 490.000 метри кубни, а опожарената површина е 12.350 хектари.
Забележани се 204 пожари, кои ги гаселе над 6.600 луѓе.
Според официјалната методологија и податоците кои систематски ги прибира „Национални шуми, во 2020 штетите од пожарите на шумски површини изнесувале 1,3 милиони евра, во 2019 загубата била 13 милиони евра, а во 2018 проценката е 1,15 милиони евра.