Во 13- годишната примена на ИПА инструментот за индиректното управување во ниту еден момент не попуштила посветеноста и ентузијазмот и големото ниво на професионалност, рече заменик-министерката за финансии, Ширет Елези.

Автопатот Демир Капија – Смоквица, Смоквица – Гевгелија, Куманово – Миладиновци, железничката пруга Битола – Кременица, рехабилитација на 10 железнички станици, 4 пречистителни станици, 110 км канализациона мрежа, опрема за трансфузиологија се само дел од 450-те капитални проекти во вкупна вредност од 557 милиони евра реализирани во рамки на ИПА 1 програмата. Со цел обезбедување одржливост на овие проекти денеска беше одржана Конференција на која експерти од Министерството за финансии пред градоначалниците и директорите на јавните претпријатија објаснуваа за предизвиците во поглед на одржливоста.

„Целта не е да се изградат проектите за да постојат сами за себе. Проектите од ИПА 1 веќе се ставени во функција на граѓаните на нашата држава и ги уживаат придобивките од истите. Овие проекти бараат издвојување на значајни средства за нивно одржување, како и ангажман на соодветен кадровски капацитет со цел да траат многу години, односно да ја исполнат оправданоста од нивно финансирање. Верувам дека заедничката соработка и разбирање се суштински за обезбедување на одржливоста на капиталните и инфраструктурните проекти”, истакна заменик-министерката за финансии Ширет Елези.

Елези информира дека за реализација на 450-те капитални проекти, преку Инструментот за претпристапна помош на ЕУ се доделени 308 милиони евра, дополнителни 160 милиони евра за Коридорот X се обезбедни преку заем од ЕБРД и ЕИБ, а буџетското учество за реализација на овие проекти изнесува 88,6 милиони евра.

Според заменик-министерката за финансии, Ширет Елези, во 13- годишната примена на ИПА инструментот за индиректното управување во ниту еден момент не попуштила посветеноста и ентузијазмот и големото ниво на професионалност.

– Наш приоритет се и остануваат да бидат проектите од национален интерес, особено во делот на транспортот, животната средина и климатските промени, социјалата, образованието, владеењето на правото, рече Елези.

Таа потенцираше дека ИПА инструментот обезбедува значајна финансиска поддршка на стратешките приоритети на државата, со што се намалува фискалниот товар во Буџетот, но и се овозможува промовирање на значајните реформи во сите сегменти значајни за членството во ЕУ.

Дополнително преку ИПА 2 програмата во моментов се реализираат клучни проекти како патната делница Градско – Дреново, колекторскиот систем Скопје, развој на информативен систем за следење на животната средина и реновирање на затворите. За реализација на овие проекти од ИПА 2 програмата досега се потрошени 19,2 милиони евра ИПА средства и дополнителни 4,2 милиони евра буџетско учество, информира заменик-министерката, соопшти МФ.