Воениот конфликт во Украина има големо индиректно влијание врз производствените процеси на компаниите. Кризата е причината за намалување на обемот на работа или запирање на производството на голем дел од компаниите производители. Ескалацијата на кризата ќе има големи влијанија и врз домашната економија, ќе ги наруши воспоставените трговски врски, но и ќе ги направи пазарите воздржани на подолг период. „Нова Македонија“ разговараше со инволвираните страни, кои ги изнесоа своите ставови во однос на последиците од воениот конфликт во Украина, кој удира директно врз бизнис-секторот.
Извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев, вели дека македонската економија во голема мера започнува да ги чувствува последиците од руско-украинскиот конфликт, и тоа и на директен и на индиректен план.

Фармацевтските и земјоделските производи наменети за пазарите во Русија во неизвесност

Трговската размена помеѓу нашата земја и Руската Федерација изнесува околу 233,7 милиони американски долари за 2021 година, од кои извозната компонента е 56,1 милиони американски долари, а увозната 177 милиони американски долари. И според статистиката, тоа е 1,4 отсто од вкупната наша размена со светот.
– Но од вкупниот наш извоз 50 отсто се земјоделски производи, или вкупно една третина од македонскиот извоз на земјоделски производи завршува на рускиот пазар. Важно е да се напомене и дека во последните години има пораст на извозот кон Руската Федерација, но и промена на структурата. Покрај традиционалните фармацевтски и земјоделски производи, сѐ повеќе се застапени производи од преработувачката индустрија, винската индустрија, автоиндустријата. Сето ова сега ќе биде доведено во неизвесност и опасност со воведувањето санкции од страна на нашата земја. Имено, се очекува воведување контрасанкции од руска страна, што, всушност, ќе значи евентуална забрана за нашите најизвезувани производи.
Доколку тие се однесуваат на земјоделскиот сектор, тогаш тоа многу силно ќе се почувствува кај голем дел од нашите граѓани, кои се ангажирани и опстојуваат од оваа гранка – укажува Бешлиев.

Европа и Македонија зависат од рускиот гас

Според него, со воведувањето, односно приклучувањето кон економските санкции против Руската Федерација се создадоа и предуслови за штети на бизнис-секторот што соработува со Руската Федерација. Како на планот на извозот така и на увозот.
– Увозот пред сѐ е базиран на руските енергенти, при што снабдувањето со руски гас е целосно, односно 100 отсто, секако цената што ќе ја плаќаме нема да биде повластена, а со тоа и ќе се предизвика штета на нашата економија. Сепак, не очекуваме забрана за увоз на истиот тој, во спротивно тоа уште повеќе ќе ги влоши состојбите во македонската економија.
Како што може да видите и земјите од ЕУ (Германија, Холандија, Бугарија), кои се увозно зависни, се противат на идејата за забрана за увоз на руски гас, односно бараат изземање на овој енергент при воведувањето санкции – појаснува Бешлиев. Додава оти зголемените трошоци за производство (електрична енергија) и скратениот пазарен потенцијал за пласирање на нашите производи (Руска Федерација и Украина) ќе имаат силна улога во штетите, кои ќе се одразат на нашата економија.
Претставниците на бизнис-заедниците во земјава, кои апелираа на анонимност, укажуваат дека последниве години бизнисите трпат големи штети и се забележува пад во прометот во трговијата.

Автомобилската индустрија најавува прекини во работењето

Директорот на Делегацијата на германското стопанство, Патрик Мартенс, деновиве информира дека автомобилската индустрија е во голема криза, а германските производители се принудени да го стопираат своето производство. Тоа ќе има директни последици и врз македонските компании што работат со германските, односно и ним им се заканува стопирање на производството.
Претседателот на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство, Виктор Мизо, посочи дека токму кризата во Украина е причината и за намалување на обемот на работа или за запирање на производството на голем дел од компаниите производители на автомобили во Европа.
– Освен недостигот од компоненти, дополнително се зголемија и цените на многу репроматеријали, кои доаѓаат од тој регион и неизвесно е како и до кога ќе може да се увезуваат. Покачувањето на цената на енергентите и постојната инфлација може да предизвика намален обем на производство на компаниите, бидејќи компаниите од тој регион не се во можност да ги испорачаат овие компоненти – изјави Мизо.

Автор: Петранка Огнаноска Катерина Михајлова