Руската агресија во Украина формално ја смени мапата на снабдување на Европа со природен гас и ги смени траекториите за транспорт поради што големи количини сега ќе се транспортираат преку нашиот регион, порача директорот на НЕР Бајрам Реџепи на панелот „Нови регионални енергетски авении“ во рамки на Економскиот форум „Скопје“.

Истакна дека во текот на минатата година се одржаа повеќе енергетски форуми на кои главно прашање беше дали Европа ќе може да преживее без рускиот гас, а годинава, како што кажа, одговорот е да, се уште сме живи и преживеавме и без рускиот гас.

-По почетокот на војната во Украина научивме колку е битна регионалната соработка, диверзификацијата на снабдувањето со гас и диверзификацијата на рутите за снабдување, како и колку значи регионалната интерконекција и градењето на нови интерконекциски проекти. Минатата година беше многу критичен период за нашата земја затоа што имавме голема зависност од рускиот гас и имавме само една интерконекција со Бугарија со годишен капацитет од 800 илјади кубни метри. Направивме еден многу добар чекор со Булгартрансгас и потпишавме договор за зголемување на капацитетот на гасоводот за нови 200 илјади кубни метри. На тој начин го либерализиравме пазарот на гас и веќе гасот не ни доаѓа само од Русија, туку користиме и други патеки за снабдување, рече Реџепи.

Најави дека се планира да се продолжи примарната гасоводна мрежа до грчката граница и земјава интерконективно да се поврзи со Грција, Србија и Косово, како и да се изгради уште еден интерконектор со Бугарија на потегот од Петрич до Струмица.

-Интерконекцијата со Грција е од исклучително значење од аспект на геополитиката и заради диверзификацијата на нашите извори на снабдување. Имаме мала потрошувачка на гас бидејќи немаме развиена дистрибутивна мрежа, но до средината на годинава планираме да завршиме со постапката за јавно приватно партнерство и конечно да имаме оператор за дистрибуција на гас. Од идната година се планира да почне изградбата на секундарната мрежа во 38 општини со што сигурно ќе се зголеми потрошувачката, истакна Реџепи.

Изградбата на интерконекторот со Грција, додаде, се планира да почне на средината од годинава и да има капацитет од 2,8 милијарди кубни метри. Годинава ќе заврши и студијата за изводливост на интерконекторот со Косово, во напредна фаза сме во постапката за изградба на интекронекторот со Србија и конечно идната година да аплицираме за средства за негова реализација.

-Србија планира со изградбата на интерконекторот да транспортира гас преку нашата мрежа и да ги снабдува и другите земји во Европа. Заинтересирани сме со Булгартрансгас да се изгради и втора интерконекција од Петрич до Струмица. Годинава ќе ја почнеме студијата за изводливост и тест за пазарот, а заинтересирани сме и да ја поврземе нашата мрежа од Струмица до Неготино. При крај сме и со преговорите со акционерите во Александропулис и во второто тримесечје од годинава планираме да ги завршиме сите постапки и да купиме 10 отсто од уделот во ЛНГ терминалот. Многу сме заинтересирани и за капацитетите на единствениот регионален магацин за гас во Чирен, Бугарија, посочи Реџепи. Доколку се реализираат проектите, нагласи, преку земјава ќе може да се транспортира гас за земјите од соседството, но и пошироко. Директорот за стратешко планирање на бугарскиот оператор за пренос на гас Булгартрансгас, Никола Делев истакна дека планираат да го зголемат капацитетот на единствениот магацин за чување на гас во Чирен од сегашните 3,5 на 8,6 милијарди кубни метри, како и да ја подобрат инфраструктурата со Србија и Грција за да може да транспортираат поголеми количини на гас. Планираат да потпишат и договор со турскиот оператор на гас Поташ за да може преку интерконекторот со Турција да транспортираат касписки гас. Фернандо Калигас, директорот за корпоративни прашања на грчкиот оператор за пренос на гас ДЕСФА рече дека планираат до 2025 година тројно да ги зголемат нивните капацитети за транспорт на гас и додаде дека по војната во Украина се сменија насоките на транспорт на гас од југ кон север, наместо обратно. -Побарувачката на гас на внатрешниот пазар во Грација падна во текот на минатата година, но за три пати е зголемен транспортот на гас кон север, истакна Калигас и додаде дека покрај ЛНГ терминалот во Александропулис се разгледуваат уште две локации во Грција за изградба на такви терминали.