Македонското јагне се извезе на европскиот пазар за католички Велигден, а сега стигнува во домашните месарници. Кланичарите велат дека годинашниов извоз е нешто помал од лани.

Во споредба со лани помал е извозот на македонското јагне на европските пазари. Се извезуваше за Хрватска, Италија. Главно поради цената, зашто имаше доволно стасано јагниња поради топлата зима. За сточарите е ниска цената од околу 200 денари за килограм жива мера, за извозниците и крајните европски купувачи беше висока. Има останато за македонскиот пазар, ама не знам колку ќе се продаде зашто цената моментално во месарниците е од 500 до 550 денари за килограм. За потрошувачите е скапо, зашто за да испечеш јагнешко и да има доволно на трпезата, мора да се купи барем два, три килограми, вели Тони Павлески од кланичарската индустрија.

Според Марјанчо Стојаноски, сточар од Прилепско, трошоците се високи за одгледувањето јагниња, а со години е трендот на намалување на фондот, зашто нема млади сточари.

-Со овие откупни цени и со зголемени трошоци е многу тешко. Во светот е најевтино македонското јагне, зашто во Албанија, Бугарија е по 6 евра за килограм жива мера. Се намалува сточниот фонд, не помагаат ниту субвенциите. Скапи се храната, препратите. Освен тоа, не може да се најде овчар, нема интерес од младите. Последниве години нема млади сточари кои отвориле одгледувалиште. Тешко е, вели Стојаноски, кој е и потпретседател на здружението во Пелагонија „Орлови бари“.

Граѓаните чекаат пред месарниците и пресметуваат. Велат, зависи од џебот. Некои земаат само јагнешки дроб, колку да замириса за Велигден, други ќе купат месо, оти, еднаш во годината е Велигден.