Вкупниот прогрес на градежните работи на автопатот Кичево-Охрид е околу 70 отсто. Ова беше соопштено по денешниот увид на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и на директорот на ЈП за државни патишта, Рустеми, на градежните активности на автопатската делница Кичево – Охрид.

Должината на оваа автопатска делница е 57 километри и инвестицијата е во висина од 598 милиони евра, средства кои се комплетно обезбедени, соопшти Министерството за транспорт.

„Во текот на работната посета тие одржаа и координативен состанок со претставници од компанијата изведувач и со надзорот, каде им беше презентирана динамиката со која се реализира овој крупен капитален проект.

На состанокот се разговараше и за роковите на изградбата на петте подделници, од кои петтата подделница од Аеродромот Свети Апостол Павле до Охрид да биде пуштена за сообраќај до крај на годината“, соопшти Министерството за транспорт и врски.