Вкупно 75 отсто од германските фирми во земјава, повторно би инвестирале тука, покажуваат најновите анализи на Делегацијата на германското стопанство. Шансите за Македонија се во металната, дрвната и прехранбената индустрија, во земјоделството, текстилот и чевларската индустрија, како и во ИТ секторот, според директорот на Делегацијата, Патрик Мартенс.

„Најголемиот дел од германските фирми се лоцирани во слободните зони и според анкетите, 75 отсто од нив повторно би инвестирале тука. Значи се задоволни,“ истакна Мартенс на Македонско-германскиот форум што го организираа денеска Фондацијата Конрад Аденауер, Делегацијата на германското стопанство и Институтот за демократија.

Мартенс се осврна и на предизвиците, напоменувајќи дека и натаму, клучни се корупцијата, како и бавните административни постапки, но и правните реформи, дополни, се важни.

„Во последните 10 години, Северна Македонија има изгубено и многу луѓе. Сите тука што инвестираат може да бидат успешни само ако има луѓе,“ рече директорот на Делегацијата.

Сепак, во моментов, заклучи, енергетската криза е најголемиот ризик за стопанството.

„Фирмите, за разлика од граѓаните, ќе мора да ги добијат цените на енергијата на слободниот пазар, тоа се однесува и на Европа и на Германија. Тоа е огромен проблем. Се уште не знаеме како фирмите ќе ја поминат оваа зима,“ подвлече Мартенс.

Тој во обраќањето на форумот ја потенцира и потребата од забрзување на процесот на декарбонизација.