Над 8 милиони евра чини увозната струја за една недела. ЕСМ ги објави резултатите од купопродажниот договор со 4 фирми за набавка на струја. Рекордер е албанската ЕТМТ Енерџи која инкасирала дури 5 милиони евра. Оваа компанија зеде најмногу пари и на претходниот оглас, околу 3 милиони евра. Претходните месеци, истата фирма беше најголем купувач на ноќните вишоци произведени од ЕСМ.

На списокот се уште три фирми кои заедно на последниот оглас ќарија над 9 милиони евра за струја за 10-ина дена.

Домашното производство, пак, преполовено. Иако поправката на блок 1 во РЕК Битола заврши, ремонт го чека и вториот блок, откако ќе пристигне трансорматорот за тројката. Термоелектраните Неготино и Осломеј не работат, а нивото на хидроелектраните е само 18%.

Енергетската криза беше предмет и на партиски препукувања. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека директорите на ЕСМ и МЕПСО се наградени со 1.700 евра плата месечно, а ЕСМ увезува третина од дневните потреби за ЕВН.

„Ковачевски за еден мандат ќе ја чини државата над 80.000 евра, придонесот негов не е ниту нула, туку е далеку под нула.Исто е и со Орхан Муртезани, кој како државен паразит зема 80.000 евра плата за еден мандат на чело на МЕПСО. На линија  паразити во енергетскиот сектор од ЕСМ и МЕПСО Ковачевски и Муртезани е и Бајрам Реџепи, извршен директор на Национални Енергетски Ресурси, кој месечно зема 1.300 евра плата, и за една година од оваа државна компанија наплаќа 15.000 евра.“ – Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ

Од СДСМ вратија дека функционери од ВМРО-ДПМНЕ и нивни блиски роднини се богатат на грбот на граѓаните.

„Ивица Томовски, човекот кој секојдневно од белиот дворец зборува за паразити е вистинскиот паразит кој како управител на АД ЕЛЕМ Турс само од плати добил над два милиони денари или над 30.000 евра народни пари. Но пари од граѓаните Томовски добивал и пред да биде назначен на функцијата и тоа преку фирмата Сити логистик каде бил управител. Компанијата на Томовски од АД ЕЛЕМ, односно од Мицкоски добила тендери во вредност од над 3,6 милиони денари или речиси 60.000 евра.“ – Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

Ставот на надлежните е дека увезената струја е поевтина од произведената од ТЕЦ Неготино, а од следниот месец треба да профункционираат сите домашни капацитети.