Македонската ИКТ индустрија се наметнува како една од најдинамичните и најбрзорастечки извозни гранки во земјата. Според податоците на Народната банка, извозот на информациски, компјутерски и телекомуникациски услуги во 2025 година достигнал 676 милиони евра, што претставува раст од 7 проценти во споредба со 2024 година.

Овој сектор е меѓу ретките во македонската економија што континуирано бележи раст и остварува позитивен трговски биланс. Во текот на 2025 година увозот на ИКТ услуги изнесувал 197 милиони евра, што значи дека нето ефектот за економијата е суфицит од околу 438 милиони евра.

Најголемиот дел од приходите доаѓа од компјутерските услуги, чиј извоз достигнал 599,6 милиони евра. За споредба, извозот на храна од Македонија во 2025 година изнесувал 564 милиони евра, додека извозот на железо и челик достигнал 496 милиони евра, што дополнително ја нагласува важноста на ИКТ секторот во структурата на македонскиот извоз.

Растот на оваа индустрија е особено видлив ако се погледне подолг временски период. Во 2016 година извозот на ИКТ услуги изнесувал околу 150 милиони евра, што значи дека за седум години е зголемен за повеќе од четири и пол пати, односно за околу 351 процент.

Континуираниот раст покажува дека македонските компании се сè поконкурентни на глобалниот пазар и дека ИКТ индустријата има потенцијал да стане еден од стратешките столбови на економијата, со дополнителни можности за развој, диверзификација и нови работни места.

Според податоците на Стопанската комора за ИКТ секторот МАСИТ, во 2024 година во оваа индустрија работеле 2.921 компанија со речиси 24 илјади вработени. Во изминатите пет години секторот бележи стабилен и конзистентен раст по повеќе економски индикатори, што укажува на постепено созревање на индустријата и нејзино зајакнување и на домашниот и на меѓународниот пазар.

Од МАСИТ оценуваат дека ИКТ индустријата покажува висока отпорност на надворешни економски влијанија и силна способност за прилагодување на глобалните технолошки трендови, со што се позиционира како еден од најзначајните двигатели на македонската економија.