Владата не планира нови мерки за ублажување на ценовниот шок. И покрај растот на цените на горивата и притисокот врз буџетите на граѓаните, од Илинденска велат дека засега внимателно ја следат состојбата и не носат дополнителни интервенции.
Сепак, како опција останува намалување на акцизите, маржите и транспортните трошоци, доколку трендот на поскапувања продолжи. Премиерот Христијан Мицкоски најавува дека државата е подготвена да реагира, но само ако кризата дополнително се продлабочи.
Од друга страна, лидерот на СДСМ Венко Филипче ја критикува ваквата позиција на Владата и обвинува дека мерките се задоцнети и недоволни. Според него, граѓаните веќе ја чувствуваат тежината на поскапувањата, а економијата влегува во нов бран на ценовни притисоци. Ја повика Владата да ги намали акцизите на горивата за 4 денари, да го укине ДДВ-то за основните прехранбени производи и да ги преполови патарините.
Економистите од тинк-тенкот Finance Think разработуваат три сценарија, основно со брза стабилизација на цените и ограничен инфлаторен притисок од 3,5%, неповолно, со подолг раст што ги зголемува трошоците за производство и транспорт, со инфлација од 6,1% и екстремно сценарио, во кое поскапувањата се прелеваат во поширока и подолготрајна инфлација од 8,2%.
„Времетраењето на шокот е пресудно за неговиот ефект врз инфлацијата. Доколку цените на енергенсите релативно брзо се стабилизираат, инфлаторниот притисок ќе остане ограничен. Но, ако шокот се задржи, тогаш преку трошоците за производство, транспорт и увоз, ќе се создаде поширок и подолготраен ценовен притисок. Иако ризиците од повисока инфлација се реални, резултатите упатуваат дека најверојатниот исход е релативно умерен инфлаторен бран, а не повторување на ценовниот шок од 2022 година.“
Минатата недела Владата интервенираше со намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти, мерка, која ќе важи две недели и од која од Илинденска очекуваат привремено да го ублажи ценовниот удар.