Економската криза поради нападот на САД и Израел врз Иран, полека од ден во ден се зголемува. Странските инвеститори во државава велат дека состојбата во моментов е флуидна, односно се уште не може да се каже колку ќе удри и ќе трае, и како ќе се одрази кризата на нивните нарачки.

Поради блокадата на Ормутскиот теснец, цената на контејнерскиот транспорт од Кина се зголемил за 65 проценти, бидејќи за да стигнат до Солун, кружат преку Африка и Медитеранот. На светските пазари нема 10 отсто од алуминиумот и голем дел од петрохемиските производи, потребни за автомобилската индустрија, а нема и дел од земјоделското ѓубриво кое е потребно за храна. Сепак, покрај ваквата состојба, странските компании во државава најмногу се исплашени од најавените блокади на превозниците поради неможноста да возат во ЕУ.

„Она што потенцијално нов штрајк би значел, веднаш по Велигден, би имало многу долгорочни реперкусии, бидејќи морам да ви кажам една работа, бидејќи клиентите на крај ќе ви кажат, ако не можете да ги проголтате тие трошоци кои се креираат заради потребата да користите авионски транспорт, тогаш најдете ни алтернативна локација за производство во вашата компанија која не е лоцирана на Западниот Балкан.“, вели Виктор Мизо од Советот на странски инвеститори.

Кога кризата ќе ја погоди цела Европа, нема да биде заобиколени ниту фирмите кои се во секторите каде што работат македонските компании кои имаат странски капитал. Сепак, ова не значи затворање на фирмите, туку нивно прилагодување и барање начин како да бидат поконкурентни од другите во Европа.

Инаку, при презентацијата на извештајот за тоа колку биле задоволни инвеститорите во 2025 година, можеше да се слушнат пофалби за одредени министри, но и дека треба да се напушти застареното сфаќање дека во недела не требало да се работи. Освен убавите работи, имаше и критики.

„80 проценти од тие компании се соочија со проблеми или во процесот на одобрување или исплата на државната помош во период на минатата година и дали е тоа врз основа на бирократски процедури, несоодветно буџетско планирање или нешто што значи недоволна, да не речам способност, но недоволни активности од страна на администрацијата, односно институциите кои се даватели на државната помош.“, изјави Мизо.

Големо незадоволство кај анкетираните странски компании има и околу тоа како државата се грижи за нив.

„Имаме намалување на задоволството околу квалитетот на оваа услуга, а 93% се делумно или се незадоволни од тоа како функционира услугата aftercare.“, изјави Сашко Наков, генерален директор на АМФЕНОЛ.

Затоа бизнис заедницата бара да има една институција, една точка каде што инвеститорите ќе може да се обратат и таа институција ќе ги заврши сите обврски кои им се потребни.