Од Групацијата на мелничко – пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија велат дека тие немаат влијание на одлуките за зголемување на цените на лебот и белите печива, бидејќи секоја пекарница одлучува сама за себе врз основа на трошоците што ги има

Ѓеврек 32 денари, бурек од 80 до 120 денари, најевтината баничка 50 денари. За празно лиснато тесто треба да одвоите 30 денари, а ако сакате со шунка или кашкавал ќе ве чини од 50 до 60 денари. Денес дел од пекарниците од Штип, Кочани, Прилеп и Битола осамнаа со нови цени на лебот повисоки за пет денари од претходните. Така лебот од 450 грама, кој сега се продаваше по цена од 35 денари, но и на стандардниот леб тип 500, сега има цена од 40 денари за векна. Од Групацијата на мелничко – пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија велат дека тие немаат влијание на одлуките за зголемување на цените на лебот и белите печива бидејќи секоја пекарница одлучува сама за себе врз основа на трошоците што ги има. Но не негираат дека се зголемени трошоците за производство и дека треба да се зголемат цените на крајните производи за околу десет отсто.

Секој сам одлучува за цените

Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при СКСМ за „Слободен печат“ вели дека информациите за најавите дека од денес ќе има зголемени цени на лебот ги слушнал во текот на вчерашниот ден.

– И јас како и вие слушнав за најавите за нови цени. Нови цени има кај некои поединечни пекарници кои не се членки на нашата групација, но има и кај дел од членките каде има зголемено цени. Значи нашите информации се такви дека на пример во Битола некоја пекарница има зголемено цена и дека штипските мали пекарници најавиле дека ќе ги зголемуваат цените. Значи тоа е поединечно и индивидуално – вели Малишиќ.

Тој објаснува дека кризата влијае на производствените цени на лебот и пекарските производи и ако продолжи војната, неминовно е поради големите трошоци што се создаваат да се оди со повисоки цени од минимум 10 отсто.

– Кога трошоците се зголемуваат, неизбежно е пекарите да одат со повисоки цени на своите производи – вели Малишиќ.

Тој објаснува дека сè зависи од резервите што ги имаат поединечно пекарниците, а кои се набавени пред конфликтот. Новите цени се повисоки и според него минималното поскапување би било за 10 отсто, но и нагоре, но според него тоа зависи од компаниите.

Зависиме од увоз на брашно

Македонија е увозно зависна за пченица и брашно и покрај стабилното домашно производство, покажуваат најновите анализи од земјоделскиот и прехранбениот сектор. Годишно во земјава се произведуваат околу 280.000 до 300.000 тони пченица, но ова количество не е доволно за целосно покривање на потребите. Дел од родот не завршува во мелничката индустрија, што дополнително го намалува реалниот удел на домашната суровина во производството на брашно.

Според проценките, само околу 30 проценти од брашното на пазарот е од домашно производство, додека најголемиот дел се обезбедува преку увоз. Најголем дел од увозот доаѓа од земјите во регионот, пред сè од Србија, но и од Бугарија и Украина, кои се меѓу клучните снабдувачи на македонскиот пазар. Во однос на производството на леб, точни бројки не се објавуваат редовно, но проценките говорат дека во земјава годишно се произведуваат стотици илјади тони леб и пекарски производи, во согласност со високата домашна потрошувачка. Лебот останува една од основните намирници во исхраната на граѓаните, со речиси секојдневна употреба во домаќинствата.

Експертите предупредуваат дека ваквата зависност од увоз ја прави земјата ранлива на ценовни шокови на светските пазари. Во услови на нестабилни глобални текови, цената на житото директно се рефлектира на цената на брашното, а со тоа и на лебот. Оттука, зголемувањето на домашното производство и подобрувањето на откупните услови за земјоделците се посочуваат како клучни чекори за намалување на увозната зависност и стабилизирање на цените на основните прехранбени производи.

Леб за појадок, ручек, вечера

Лебот е незаменлив дел од секојдневната исхрана на граѓаните во земјава, а официјалните податоци покажуваат дека потрошувачката останува висока во годишниот пресек. Според најновите податоци од Анкетата за потрошувачката на домаќинствата од Државниот завод за статистика, едно просечно домаќинство во земјава годишно консумира околу 172,3 килограми леб. Ова го прави лебот една од најчесто и најмногу користените намирници во секојдневниот оброк.

Потрошувачката на леб и други житни производи е значителна и останува висока и поради традиционалните навики во македонските семејства, каде што лебот се користи за појадок, ручек и вечера или како додаток кон главните јадења. Истражувањата исто така покажуваат дека лебот често сочинува значаен дел од семејниот буџет, особено во периоди на поскапувања на суровините и енергенсите, што влијае на цените на основните прехранбени производи.