Македонија се наоѓа пред нова економска криза. Цените на енергенсите, ѓубривата и на основните суровини растат, а растот на платите не е проследен со зголемување на продуктивноста. Економијата, која е многу зависна од увоз и се потпира на градежништвото, останува ранлива. Експертите предупредуваат за ризик од стагфлација – комбинација од слаб економски раст, висока инфлација и можно отпуштање. Економските експерти сметаат дека Владата и Народната банка мора да преземат мерки за да ја стабилизираат ситуацијата, во спротивно, ударот на кризата ќе биде многу поголем и подолгорочен.

Економските последици што ги чувствува Македонија од војната на Блискиот Исток ќе бидат долгорочни и ќе ги почувствува секое семејство. Оваа прогноза веќе почнува да се остварува со зголемување на инфлацијата поради скапите енергенси, што се заканува да прерасне во нова економска криза доколку потрае војната. Економските експерти велат за весникот ВЕЧЕР дека прогнозите за македонската економија не се многу оптимистички и дека постои ризик за едно од најцрните сценарија – стагфлација. Процените на Меѓународниот монетарен фонд покажуваат дека растот на БДП во земјава ќе забави на 3,1 отсто наместо планираните 3,8 проценти. Во исто време, повисоките цени на нафтата ќе ја зголемат инфлацијата на околу 4,5 проценти, што е значително над владината проекција од околу 2,5 отсто за тековната година.

Поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски, смета дека овие прогнози на ММФ може да бидат оптимистички, бидејќи ако потрае кризата, може да имаме повисока стапка на инфлација од 4,5 отсто.

– Доколку потрае кризата, на Македонија ѝ се заканува појава на стагфлација, односно ниска стапка на раст на БДП, висока инфлација и пораст на невработеноста. Добро е ако останеме на овие стапки на инфлација и економски раст од 3,1 отсто, какви што прогнозира Меѓународниот монетарен фонд, бидејќи состојбата може да биде и полоша. Ова може да прерасне во една од најголемите глобални кризи, слична на онаа од 1929 до 1933 година, а последиците најмногу ќе ги почувствуваат малите, увозно зависни економии. Дури и поразвиените земји од Македонија стравуваат од висока инфлација и недостиг на храна. Имаме зголемување на цените на ѓубривата, металите и на енергенсите, нарушени се глобалните синџири на снабдување и сето тоа негативно влијае врз економиите – вели Миноски.

Тој вели дека конфликтот скапо ќе ги чини сите земји, особено помалите економии со ограничени ресурси како што е Македонија, која е увозно зависна.

– Сега не може да се гради отпорност на државата. Тоа е процес што треба да биде континуиран и да обезбеди енергетска стабилност, сигурно снабдување со храна и одржлива фискална политика. Ние немаме доволно енергенси, ниту доволно домашно производство на храна, што дополнително ја зголемува инфлацијата. Зголемувањето на цените на енергенсите се рефлектира врз транспортот и врз сите сегменти на економијата – додава Миноски.

Академик Абдулменаф Беџети смета дека е прерано да се даваат толку долгорочни прогнози, но вели дека доколку потрае кризата, ќе има негативно влијание врз инфлацијата.

– Ако трае војната неколку недели, како што предвидуваа актерите што ја предизвикаа, можеби, нема да има голем „импакт“ врз инфлацијата, во спротивно, последиците ќе ги почувствуваат сите. ММФ со право се плаши од инфлациска спирала, бидејќи последиците од инфлацијата ќе влијаат врз сите економски параметри, затоа што инфлацијата ја нарушува макроекономската стабилност, која е предуслов за економски раст. Засега инфлацијата може да се предвиди и не е толку висока, но за две-три недели може посериозно да влијае ако навлезе подлабоко во економијата – вели Беџети за весникот ВЕЧЕР.

Според него, сè зависи колку ќе трае војната, но смета дека се потребни мерки што треба да бидат целни, односно насочени кон економските сектори и семејствата, кои се директно загрозени од кризата.

– Потребни се мерки, кои треба да бидат „таргетирани“. Владата ја намали стапката на ДДВ од 18 на 10 отсто, но не треба да презема други мерки како намалување на акцизата, кои ќе резултираат со помали приливи во буџетот. Најдобро е да се наплаќаат овие давачки така што со вишокот приходи ќе се прераспределуваат во секторите и семејствата, кои се најпогодени од кризата – вели Беџети.

Универзитетскиот професор Ванчо Узунов вели за весникот ВЕЧЕР дека прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд одамна биле најавувани за македонската економија. На ваквите ризици укажуваа и многу економски експерти претходно, но тие предупредувања не беа доволно сериозно сфатени.

– Прогнозите на ММФ се реални и тоа што го прогнозира Фондот – најчесто се остварува. Инфлацијата кај нас веќе се чувствува во секој сегмент, цените растат, стапката на економски раст е забавена, а платите не го следат растот на цените. Владата будно ја следи ситуацијата, но не реагира навремено, што ја чини економијата дополнителни загуби. Колку порано ќе прифати и признае Владата дека се потребни мерки за намалување на инфлацијата – ќе плати пониска цена. Ако порано се преземеа мерки, сега ќе имавме пониска инфлација, која во март може да биде и двоцифрена – вели Узунов.

Аналитичарот Синиша Пекевски смета дека вештачки зголемените плати, без реален економски раст, неизбежно ќе ја зголемат инфлацијата, бидејќи растот на платите не е проследен со раст на продуктивноста и на економијата.

– Инфлацијата ќе продолжи да расте, а економскиот раст ќе остане слаб, имајќи предвид дека економијата во голема мера се потпира на градежништвото, односно на изградбата на станови и деловни објекти, што не носи долгорочен развој, ниту привлекува значајни странски инвестиции. Сѐ додека не се зголеми извозот, особено на готови производи и услуги со повисока додадена вредност, економијата ќе остане ранлива и ќе стагнира. Во исто време, зголемувањето на платите дополнително ќе влијае врз инфлацијата, бидејќи дел од компаниите ја користат секоја можност за покачување на цените, оправдувајќи го тоа со кризи и со раст на цените на енергенсите, иако кај многу од нив овој трошок има релативно мал удел во вкупните производствени процеси – вели Пекевски за весникот ВЕЧЕР.

Неодамна и академик Таки Фити прогнозираше дека ѝ се заканува стагфлација на земјава.

– Оваа криза е потешка од енергетската во 2022 година, бидејќи за само 20 дена цената на нафтата порасна за 70 отсто. Затворањето на Хормускиот Проток и уништените енергетски капацитети ќе ја намалат понудата, а цените ќе продолжат да растат. Најопасно сценарио е стагфлацијата – низок раст, висока инфлација и пораст на невработеноста, а Македонија е особено ранлива – изјави тој.

Според него, потребни се итни мерки: намалување на ДДВ и акцизите за горивата, како и засилени контроли на пазарот за да се спречи неоправдано покачување на цените. Имаме увозна зависност од храна, а со растот на цените на ѓубривата и енергенсите, храната допрва ќе поскапува, додава тој.

Фити очекува и зголемување на каматните стапки од страна на Народната банка, нагласувајќи дека во услови на висока инфлација, дел од економскиот раст ќе мора да се жртвува.

Тој предупредува дека ако потрае кризата, ќе бидат неопходни ребаланс на буџетот, кратење на непродуктивните трошоци и поголема штедливост и од државата и од граѓаните.

Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд, по консултациите со македонските власти, предвидува дека се очекува шокот од цените на енергенсите, кој произлегува од тековната војна на Блискиот Исток, негативно да влијае врз растот на македонската економија и повторно да создаде инфлаторни притисоци. Поради тоа, бара Народната банка да ја затегне монетарната политика поради комбинацијата на енергетски шок и сè уште силната домашна побарувачка. ММФ посочува дека Народната банка треба да премине кон аукции со целосна алокација на благајнички записи и да ја зголеми основната каматна стапка.