Статистиката покажува пад на работната сила и намалено производство во индустријата, особено во рударството и преработувачкиот сектор.
Индустријата се соочува со сè поголем недостиг на работна сила, што директно влијае врз обемот на производството, особено во секторите рударство и преработувачка индустрија. Најновата статистика на Државниот завод за статистика покажува континуиран пад на бројот на вработени и намалено индустриско производство. Во периодот јануари – февруари 2026 година, бројот на работници во индустријата е намален за 3,5 % во споредба со истиот период минатата година.
Според официјалните статистички податоци, бројот на работници во февруари 2026 година, во споредба со февруари 2025 година, е намален во повеќе клучни индустриски сектори. Во секторот рударство и вадење камен е забележан пад од 6,3 %, во преработувачката индустрија за 3,4 %, додека во снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација работната сила е намалена за 0,4 %.
Индустријата и лани се соочуваше со проблем да се најде квалификувана работна сила.Во февруари минатата година, во споредба со истиот период во 2024 година, индустриското производство беше намалено за 0.8 %. Најголем проблем со работна сила имаше повторно во секторот рударство и вадење на камен, каде имаше помалку работници за 4.4 %. Но, тогаш во преработувачка индустрија имаше пораст од 1.7 %, пред се поради зголемото производство на тутун, облека и машини.
Пад на работната сила низ клучните индустриски групи
Анализирано по главните индустриски групи, бројот на работници во индустријата во февруари 2026 година, во однос на истиот месец лани, се намалил кај:
- Енергија – за 2,4 %
- Капитални производи – за 4,5 %
- Нетрајни производи за широка потрошувачка – за 4,1 %
- Интермедијарни производи (освен енергија) – за 3,0 %
Исклучок е групата „трајни производи за широка потрошувачка“, каде што е евидентиран пораст од 1,6 %.
Ваквите податоци само потврдуваат дека македонските компании се соочуваат со огромен предизвик за обезбедување на квалификувана работна сила во ерата на глобализација и дигитализација. Анализите покажуваат дека на земјата ѝ недостигаат околу 10.000 работници годишно, а најпогодени се градежништвото и туризмот.
Македонија за пет години изгубила речиси 170 илјади работници. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во периодот од 2018 до 2023 година, бројката на активно население е намалена за 165.976 лица. Ако во 2018 година имало 957.623 работници, за пет години оваа бројка се стопила на 791.647. Само за три месеци од почетокот на 2025 година, земјата беше покуса за 2.738 работници.
Намалено индустриско производство во февруари
Покрај падот на работната сила, регистрирано е и намалено индустриско производство, кое во февруари 2026 година е пониско за 4,2 % во однос на февруари 2025 година. Најголем пад е забележан во секторот рударство и вадење камен, каде што производството е намалено за 9,6 %. Во преработувачката индустрија опаѓањето е 1,9 %, додека во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација е евидентиран значителен пад од 17,2 %.
Кои индустрии најмногу придонесуваат за падот
Намалувањето во преработувачката индустрија првенствено е резултат на падот на производството во следните оддели: производство на тутунски производи, текстил и облека, фармацевтски производи, производи од гума и пластични маси, производство на метали, машини и уреди и мебел.
Според главните индустриски групи, индустриското производство во февруари 2026 година, во однос на февруари 2025 година, бележи пад кај: енергија – 19,0 %, трајни производи за широка потрошувачка – 12,0 % и нетрајни производи за широка потрошувачка – 6,9%.
Истовремено, забележан е пораст кај интермедијарни производи (освен енергија) – 0,2 % и капитални производи – 2,1 %. Најголемо влијание врз падот на индустриското производство има намаленото производство во: производството на облека, производството на машини и уреди и снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.