Земјоделското производство во Македонија бележи загрижувачки пад, покажуваат најновите податоци, според кои за околу 4.000 хектари се намалени површините под житни култури, додека производството на праски и цреши опаднало од 30 до дури 60 отсто.

Агроекономистите предупредуваат дека земјоделците сè почесто се откажуваат од обработка на нивите поради зголемените трошоци, недостигот на работна сила и ниската исплатливост. Дополнителен проблем претставуваат иселувањето и стареењето на населението во руралните средини, поради што значителен дел од обработливото земјиште останува неискористен.

Според податоците, во земјава има околу 1,26 милиони хектари земјоделска површина, од кои околу 500.000 хектари се обработливи. Сепак, се користат само околу 40 отсто од нив, што укажува на сериозен неискористен потенцијал.

Житото и понатаму е најзастапена култура, но и тука се бележи пад. Најголемо намалување има кај пченицата, со околу 2.500 хектари помалку засеани површини. Ова директно може да влијае врз зголемување на увозот и цената на лебот, како основна прехранбена намирница.

Драстичен пад е забележан и кај овоштарството. Производството на праски е намалено за 31,6 проценти, додека кај црешите падот достигнува 54,1 проценти. Слична состојба има и кај зеленчукот, каде се намалува производството на домати и пиперки, традиционално значајни култури за домашниот пазар и извоз.

Експертите ваквите трендови ги поврзуваат со климатските промени, намалената обработка на земјиштето и слабата економска исплатливост за производителите.

За разлика од ова, раст бележат индустриските култури. Производството на сончоглед е зголемено за 6 проценти, тутунот за 3,5 проценти, а компирот за 2,3 проценти. Овој тренд покажува дека земјоделците сè повеќе се ориентираат кон култури што носат посигурен приход, иако тоа често е на сметка на основните прехранбени производи.

Во сточарството се бележи намалување на добитокот, особено кај овците и живината, но истовремено има раст на производството на млеко и јајца, што експертите го објаснуваат со зголемена продуктивност и подобрена технологија на фармите.

Минатата година Македонија извезла овошје, зеленчук и нивни преработки во вредност од околу 256 милиони евра, но количините се намалени за речиси 13 проценти. И покрај извозот, земјата и натаму увезува значителни количини, при што увозот во 2025 година достигнал околу 180 милиони евра.

Овие показатели отвораат сериозно прашање, дали Македонија постепено го губи својот земјоделски потенцијал и станува сè позависна од увоз на храна.