Војната во Иран веќе предизвикува потреси во воздушниот сообраќај и воздухопловната индустрија, а наскоро граѓаните од нашиот регион би можеле да ги почувствуваат преку повеќе билети во воздушниот сообраќај. Клучната причина е скокот на цените на нафтата и прекините во снабдувањето со потребно гориво за авиокомпаниите, што доведува до поскапи летови, анализираат медиумите.

Денешната цена на суровата нафта од типот Брент е околу 109 долари за барел, додека пред војната беше околу 60 долари. Ова доведе до нагло зголемување на цените на горивата, вклучително и на авионското гориво, што е еден од најголемите трошоци за авиокомпаниите.

Кризата истовремено влијае на неколку клучни делови од системот. Светските сообраќајни правци беа нарушени, првенствено воздушниот простор на Блискиот Исток, кој беше дестабилизиран од конфликтот во тој регион. Дубаи е најпрометниот аеродром во светот, кога станува збор за меѓународни патници. Заедно со Абу Даби и Доха, тој е клучен дел од светскиот воздушен сообраќај.

Прекините во воздушниот сообраќај на Блискиот Исток траат веќе еден месец. Линиите се делумно обновени на главните аеродроми, но распоредите на летови се сè уште ограничени и подлежат на чести промени.

Цената на горивото е двојно зголемена

Главниот проблем е зголемувањето на цената на млазното гориво. Таа цена беше околу 96 долари за барел во февруари. До 20 март, скокна на 197 долари, повеќе од двојно зголемена за само еден месец. Дури и при почетокот на војната во Украина во 2022 година, млазното гориво не ги достигна тие цени.

Таквиот скок предизвикува огромни трошоци. Потрошувачката на гориво за Боинг 737-800, која на 27 февруари беше околу 17.000 долари, седум дена подоцна чинеше повеќе од 27.000 долари.

Некои размислуваат за приземјување на авионите

Неколку авиокомпании почнаа да го намалуваат бројот на летови поради повисоките трошоци за млазно гориво.

„Авиокомпаниите ширум светот би можеле да се најдат во ситуација каде што ќе мора да приземјат илјадници авиони, додека финансиски најслабите превозници би можеле целосно да престанат да работат“, е мислењето на аналитичарот на Дојче Банк.

„Њујорк тајмс“ пишува дека авиокомпаниите од Блискиот Исток и Азија се погодени од кризата многу повеќе од оние во Соединетите Американски Држави. Според податоците од крајот на март, „Катар ервејс“ мораше да откаже речиси 91 процент од своите летови.

И „Рајанер“ би можел да откаже некои летови

Главниот извршен директор на „Рајанер“, Мајк О’Лири, предупреди дека ако Ормускиот Теснец остане затворен 60 или 90 дена, авиокомпаниите би можеле да се соочат со голема неизвесност.

Во тој случај, „Рајанер“ би можел да откаже помеѓу 5 и 10 проценти од летовите во текот на мај, јуни и јули.